100 ГОДИНИ КОМОРА ЈАС НЕ ЈА СМЕНИВ ЗГРАДАТА, ГО СМЕНИВ КАДАРОТ И ТАКА ЈА СОЗДАДОВ КОМОРАТА НА ИДНИНАТА
➢ Актуелно (13.07.2022, во 08:17:01)
👁 Прочитано: 1109



Мојата девиза е очекувањата да се во корелација со реалноста, а константа на мојот живот е да правиш нешто за заедницата, бидејќи сам не си за никаде
ЈАС НЕ ЈА СМЕНИВ ЗГРАДАТА, ГО СМЕНИВ КАДАРОТ И ТАКА ЈА СОЗДАДОВ КОМОРАТА НА ИДНИНАТА Кликни за повеќе

Интервју со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

 

ПРАШАЊЕ: Претседателе Азески, ќе опстои ли Македонската држава?

БА: Сигурно ќе опстои. Не затоа што прави што треба, него затоа што меѓународните околности се такви. И веројатно тоа е главната причина за нашето заостанување во развој слаба активност бидејќи човек кој има алтернатива да друг му ги решава работите не пружа максимум во она што треба сам да го прави. Ако 90% од интелектуалците во една држава викаат дека работите ќе ги реши „калето“, тоа е тежок пораз на самиот себе, затоа што ти однапред си решил да не се трудиш.

ПРАШАЊЕ: Каде згрешивме?

БА: Да мислиш дека не си згрешил е состојба во која ти нема помош. И јас не можам со сигурност да кажам дали грешиме во моментот но, за пред 30 години со сигурност може да се каже дека згрешивме во нашата неодлучност до крај како ќе се поставиме спрема распаѓањето на СФРЈ и предолго тактизиравме со што ја изгубивме предноста да влијаеме на процесите. Сигурно згрешивме и со тоа што на почетокот на градењето на сопствената држава не го повикавме целокупниот македонски човечки капитал во светот да дојде и да се вклучи во градењето на сопствената држава која што ја создадовме после 100-тици години и со огромен број жртви. И трето, со сигурност може да се каже дека згрешивме што не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби. Што значи ги продолживме делбите а не направивме ништо за да се сплотиме околу неколку фундаментални принципи.

ПРАШАЊЕ: Прв човек на Комората сте 17 години. 32 години сте дел од активностите во  коморското функционирање, верувате ли вие во постоење на комората понатаму?

БА: Верувам. Институциите за кои има реална потреба по правило опстојуваат. Коморите ќе опстанат и во услови и кога теоретски ќе има пет фирми, затоа што тие ќе мора да се усогласуваат бидејќи јавниот сектор нема да може да преговара со секого посебно.

ПРАШАЊЕ: Кој е кадровскиот капацитет на Комората?

БА: Многу голем, најголем во државата, и во поширока и во потесна смисла. Во поширока смисла во нашите компании има најголем број доктори на наука, магистри, инженери, економисти, правници, научни работници и слично. Во потесна смисла, во апаратот на Комората на толку мал број луѓе 50тина, има таква концентрација на добар кадар што процентуално е во врвот на нашата држава. Јас во овие 17 години не ја сменив зградата, го сменив кадарот, луѓето во неа и така ја создадов Комората на иднината. Најмногу се гордеам со институциите што сум ги изградил од нула, а денеска имаат признато место во бизнисот како што се ГС1 Македонија, организација за доделување и управување со бар кодовите за нумерирање на артикли, Македонското кредитно биро, Советот за странски инвестиции, Македонската енергетска асоцијација, Комората на иднината и многу други проекти кои се во тек.

Комората денес во своите редови ги има 10-те најпрофитабилни компании, 10-те најголеми извозници, 10-те најголеми производители и 10-те најуспешни бизнисмени. Но, не е само тоа. Во својот апарат ги имаме и 10-те најдобри коморски кадри во државава и уште толку регионални експерти, што доволно докажува дека е создадена комора на иднината, можеби не со пет ѕвезди, но со онолку колку што е потребно за да бидеме во служба и на бизнисот и на државата.

 

ПРАШАЊЕ:  Каков е односот Комора – Држава?

БА: Државата и понатака на Коморите гледа како на помошни органи на државната власт, кои ете така нешто „матат“, и треба да ги користат за своите ПР стратегии. И нормално грешат. Ние на секој премиер му поклонуваме слика со легендарната реченица на Харолд Вилсон премиер на Велика Британија од 70-тите години кој што рекол „Подобро е Комората да ја имаме како партнер на Владата во конципирање на законите, отколку како противник во нивната имплементација“. Зошто тоа до крај не се спроведува не ми е јасно ако пак е јасно дека ако фирмите создаваат профит тоа е бенефит и за Коморите и за државата.

ПРАШАЊЕ:  А каков е односот на бизнисот кон Комората?

БА: Бизнисот се`уште не може да го препознае вистинскиот бенефит што може да го има од коморскиот систем. Разбирам тоа да неможат да го разберат малите фирми, но средните и големите не можам да ги разберам. Комората е најмалку МОСТ меѓу нив и Владата, а во најголем дел шанса за поддршка на нивните бизниси. Не можам да разберам како не препознаваат поддршка при вмрежувањето, при алтернативното решавање на споровите, при воведувањето на стандарди, при градењето на заеднички производ, при заедничкиот настап на странските пазари, при соработката со странските компании. Но, најважно при можноста да дојдат до правични информации. Не можам да речам дека во овие 17 години не направив се што треба за тоа. Отворајќи ја Комората за јавноста, упатувајќи ги нашите вработени спрема компаниите, едуцирајќи ги на сите можни начини, па до мојот личен ангажман да им ги отворам балканските простори.

ПРАШАЊЕ:  Г-дине Азески, имате ли своја дефиниција за бизнисот?

БА: Има многу дефиниции за бизнисот. Уште толку книги, научни трудови, рецензии, докторати, и што ли уште не. Народски кажано, бизнисот во суштина се состои во тоа дали прифаќаш ризик или не. Клучна разлика помеѓу тој што успева во бизнисот и тој што не успева е ризикот. Колку поголем ризик, толку поголем профит.  Просто како грав. Сè друго е изговор на неуспешноста. А изговори има колку сакате.

ПРАШАЊЕ: Има ли такви бизнисмени кај нас?

БА: Има, но многу малку за разлика од другите нации и држави каде што бизнисот е начин на живот. Што е тоа што ние имаме во бизнисот? Ние имаме поединечни успешни примери кои се исклучок од просечноста. Е токму тие успешни примери по правило, кај нас, се „сомнителни ликови“ за јавноста и потенцијални противници на секоја политичка номенклатура. Наместо да станат пример за секој млад човек, тие личности се изложени на јавната сцена како објекти кои треба да се правдаат зашто се успешни. Звучи неверојатно, но вистинито. Значи, нас ни е потребна потполно нова концепција за сфаќањето на бизнисот. Стратегија која ќе создаде нова реалност во која централно место ќе заземе бизнисот кој е алфа и омега на нашиот опстанок, како мала и неразвиена земја.

ПРАШАЊЕ: Постојано изјавувате дека ако не беше кризата, прашањето за кадарот ќе беше број еден проблем на бизнисот.

БА: Комората и во услови на пандемијата која бара итно и интервентно решавање на  проблеми, прашањето за кадарот го постави на врвот на приоритетите. Станавме линк помеѓу образованието и бизнисот. По една деценија упорна и макотрпна работа на овие сложени процеси сега доаѓаат резултатите. Конечно профункционира дуалниот систем, 211 компании минатата година, оваа 500-тини влегуваат во системот на дуално образование. Започнуваме темелна реформа и во високото образование која ќе биде свртена спрема вештините и потребите на бизнисот и работиме на воведување на пракса во неформално образование, што значи учење во текот на целиот работен процес или доживотно учење.

ПРАШАЊЕ: Најголем дел од луѓето околу вас Ве доживуваат како балкански коморски лидер...

БА: Балканот за мене секогаш преставувал предизвик. Толкава убавина на толку мал простор нема никаде. Околу Балканот има 5 мориња, Црно, Мраморно, Јонска, Егејско и Јадранско. Има огромни низини, планини, реки, езера, нема само едно, ум, кој ќе успее да ги поврзе сите тие инфраструктурно. Затоа што тогаш ќе можеш да доручкуваш во Дубровник, да ручаш во Солун, а да вечераш во Истанбул. Или пак да доручкуваш во Букурешт, да ручаш во Приштина, да вечераш во Драч. Плус тоа нема ниту тајфуни, ниту цунамија, нити циклони, што значи дека кафезот е од злато ама „биљбиљот“ внатре не чини, што ќе рече еден мој пријател Аднан Чинан кој долги години живееше во Охрид и се пресели во Истанбул. Е тој Балкан јас секогаш го разбирав како регион и од мојата најрана возраст сум го крстосувал по разни основи. Така се изгради мојата мрежа која после е ставена во функција на бизнисот. А бизнисот и Комората  ме донесоа на чело на најмоќните регионални бизнис здруженија. Така го заработив и овој надимак „балкански коморски лидер“ кој е апсолутен синоним за човек кој помага на секој во бизнисот на балканските простори.

ПРАШАЊЕ: 45 години сте општествено активни...

БА: Незнам кој ме вовлече во таа работа ама тоа е константа на мојот живот, да правиш нешто за заедницата. Тоа е моторната снага која те влече напред, ако добро си разбрал дека сам не си за никаде. А морам да кажам дека бенефитот од општествената активност како личност е огромна. Пред се во градење на мрежата на луѓе но и во искуствата. Тоа за мене биле најубавите моменти во животот, опкружен со луѓе, со една мисла, со еден таргет да направиш нешто добро за сите.

ПРАШАЊЕ: 35 години активно работите... 

БА: 35 години упорна работа а се трудам тоа да не го прикажам во јавноста затоа што така „ги победувам противниците“ кои цел живот грешат потценувајќи ме како личност која е склона кон уживање а не кон работа. Тоа ми дава огромна предност да ги изненадам во клучните моменти и на тој начин да одам напред. Мојата порака до младите е следна, најголемата наивност во животот е да го потцениш конкурентот, тука спас ти нема.

ПРАШАЊЕ: Што им кажувате на сопствените деца, а што на компаниите?

БА: Не им кажувам ништо затоа што тие сами треба да ја разберат реалноста, но и да тие мои кажувања не им преставуваат алиби за определени погрешни чекори. Јас и мојата сопруга се определивме да не партиципираме во ниедна нивна одлука али совршено знаеме дека тие се наши деца и секогаш ќе ја имаат нашата поддршка. Али нека одлучат сами. 

Песимисти гледаат тешкотија во секоја можност, додека пак оптимисти гледаат можност во секоја тешкотија. Ќе успеат оние компании кои брзо ќе се прилагодат, и компаниите кои се континуирано фокусирани на пораст на продуктивноста и конкурентноста

Служба за информирање при Комората