„СТОПАНСКАТА КОМОРА СОЗДАВА ПОСЕБЕН ИДЕНТИТЕТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ“
➢ Актуелно (11.07.2022, во 13:42:50)
👁 Прочитано: 1772




„СТОПАНСКАТА КОМОРА СОЗДАВА ПОСЕБЕН ИДЕНТИТЕТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ“Кликни за повеќе

Денеска (11.7.2022 г.), на само неколку дена пред одбележувањето на 100 години коморско организирање во нашата држава , на прес-конференција Стопанската комора на Северна Македонија ги претстави сертификатните марки „Македонски екстра квалитет“ и „Традиционален македонски квалитет“, кои се воспоставуваат како одговор на барањата на нашите компании.

„Комората со особено внимание и во континуитет ги следи потребите на компаниите. Тргнувајќи од нивните барања и потреби, а имајќи ја предвид улогата на Стопанската комора, но и улогите на сите комори во светот, кои се широко почитувани институции и кои се прифатени од сите чинители во една национална економија, во градењето на економските политики на една национална економија со нивните иницијативи и ставови, со експертизата, мислењата и со потврдите, издавањето на сертификатните марки за македонските производи или услуги има особено значење и силно ќе влијае врз нивната препознатливост и додадена вредност на пазарите“, истакна потпретседателката м-р Анета Трајковска.

„Воспоставувајќи ги овие сертификати,Стопанската комора на Северна Македонија, како куќата на бизнисот , стара еден век, е во функција на својата задача, на целите и на визијата и им дава директна поддршка на производителите на домашни производи и услуги, со што гарантира домашно потекло и квалитет , но и го поттикнува унапредувањето на домашното производство и на домашната економија како на наш ДОМ , создавајќи посебен идентитет за македонските производи и услуги на странските пазари, но и на домашниот пазар“ , истакна м-р Трајковска, потпретседател во Стопанската комора. 

„Целта на Стопанската комора на Северна Македонија со воспоставувањето на овие сертификатни марки е поддршка во промоцијата на македонските производи и услуги, во промоцијата на македонските компании и поддршка во унапредувањето на нивната конкурентност и зголемена профитабилност; промоција на Република Северна Македонија во странство, но и поттикнување и поддржување на развојот на домашното производство, унапредување на квалитетот, креативноста, иновативноста итн. Во постапката на издавање на сертификатните марки се користат т ранспарентни критериуми и критериуми поставени на експертска основа за доделување на правото за користење, а постојат утврдени правила и процедури за доделување. Во процесот на проверка се вклучени експерти од различни области за утврдување на потеклото, квалитетот, за дизајнот, маркетингот, за почитување и за воспоставување потребни стандарди итн.“, образложи потпретседателката на Комората, г-ѓа Трајковска.

Сертификатната марка е наменета исклучиво за производот или за услугата за која е дадено правото на користење и се користи преку аплицирање на амбалажата, преку поставување на веб-страницата на која се рекламира производот/услугата и преку др. промотивни и комерцијални материјали. Таа вклучува и дигитален QR-код, преку кој се проверува веродостојноста директно на веб-страницата на Стопанската комора на Северна Македонија, како издавач, а преку посебен линк кој води до каталогот на производи на „ГС1 Македонија“, како издавач на глобален број на трговската единица, бар кодот, може да се проверат и карактеристиките на производот. 

Производот или услугата мора да има висок квалитет и да е произведен во Република Северна Македонија, создаден со доминантно учество на македонски труд и со материјали од најмалку 60 %. Производот, односно услугата треба да се карактеризира со добра функционалност, употребливост, современ дизајн и со издржливост; да биде изработен од материјали со екстра квалитет, при што ќе биде обезбедна примена на еколошките стандарди, а на пазарот да е најмалку една година.

Г-ѓа Трајковска истакна дека Комората останува на висина на својата задача во реализацијата на поставените стратешки цели и продолжува со своите активности. „Будно ќе ги следиме потребите на компаниите во функција на подобро утре за сите нас, бидејќи компаниите се единствените кои создаваат додадена вредност за една економија!“

Служба за информирање при Комората