МЕСНИТЕ ИНДУСТРИИ ПРЕД КОЛАПС – ПРЕДЛОЗИ ЗА ОПСТАНОК
➢ Актуелно (27.05.2022, во 13:39:22)
👁 Прочитано: 499




МЕСНИТЕ ИНДУСТРИИ ПРЕД КОЛАПС – ПРЕДЛОЗИ ЗА ОПСТАНОК

 

Членките на Групацијата за производство на месо и на преработки од месо, како дел од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, на последниот одржан состанок одлучија да ѝ предложат на Владата на РСМ да го растовари стопанството од политика и да не носи мерки кои честопати се штетни за стопанството, а и негативно влијаат врз полнењето на буџетот. Владата во овие тешки времиња треба да интервенира кај социјално ранливите категории со наменски ваучери за купување домашни прехранбени производи и за плаќање комунални такси. Но не треба интервентно и преку ноќ да менува законски одредби, да менува даночни основи, да замрзнува цени и сл., затоа што ништо од тоа не може да го спречи светскиот тренд на порастот на цените, а пред сѐ на прехранбените производи

Претставниците на месната индустрија и досега постојано укажуваа дека со важечките царински давачки оваа индустрија беше ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ со оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи однадвор влегуваат во земјата со 0 % царина, додека, пак, домашните преработувачи при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 %. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на „Отворен Балкан“. Во такви услови ќе дојде до затворање на домашните капацитети или, евентуално, до селење на производството во соседството. Доколку сакаме да опстане домашната месна индустрија, потребно е ослободување од царинските давачки според примерот на други преработувачки индустрии кои користат увозни суровини, наведени во Сл. весник бр. 39 од 2022 година.

Владата на РСМ пред три години во редовни економски услови го согледа овој проблем со кој се соочуваа домашните преработувачи и помогна со тоа што воведе мерка ослободување на 50 % од царината од потрошената увезена суровина. Taa мерка во овој период беше редовно продолжувана на секои шест месеци.

 

Со последните два сета економски мерки што ги донесе Владата на РСМ, и покрај одредени укажувања и барања од индустријата, таа не беше опфатена, со што изостанаа позитивните ефекти кај домашните преработувачи на месо. Истовремено, цените на суровините на светската берза во изминатиот период се зголемија за 20-30 %, што неминовно доведе до поскапување на домашните месни преработки. Во исто време, цената на превозот се зголеми за 20 %, додека, пак, електричната енергија за правните лица кои купуваат на слободен пазар за 100 %. И додека на домашниот пазар влегува готов производ (пред сѐ од земјите на ЦЕФТА) со 0 % царина, замрзнатото свинско месо како суровина (кое не се произведува кај нас) и натаму подлежи на царински давачки.

Податоците за домашното фармерско производство покажуваат дека, и покрај мерката за увоз на замрзнато свинско месо за преработка, тие бележат благо намалување. Треба да се земе предвид фактот дека во првите четири месеци од минатата (2021) година Владата на РСМ воведе полициски час и затворање на рестораните, што влијаеше врз работата на поголемиот дел од производителите, додека, пак, во 2020 година неколку месеци (почеток на пандемијата) имавме панично купување прехранбени производи од граѓаните, а тоа ја подигна продажбата.

Ако се земе предвид фактот дека РС Македонија нема можност за извоз на свинско месо и на преработки од свинско месо во ЕУ, но и дека оваа индустрија задоволува 80-85 % од потребите за свинско месо за консумирање, произлегува дека месната индустрија ги откупила сите договорени количини и вишоци што се јавуваат, особено во периодот февруари-април, односно пред велигденските празници. Истовремено, со цел спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума, која се појави во источниот дел од државата, компаниите од месната индустрија, на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство, истовремено ги презедоа закланите свињи во радиус од 30 км за термичка преработка. Со тоа се излезе во пресрет на барањата на фармерите и на Агенцијата за заштита на домашното фармерство за спречување поголеми штети во него.

Од друга страна, по последните случувања во Украина и по затворањето на европските земји за испорака, пред сѐ на суровини, но и на готови производи, домашните производители се соочија со неможност за максимално искористување на мислењата и за увоз на договорените количини замрзнато свинско месо за преработка. Со ова дополнително се усложни работењето на домашните компании, наместо да се овозможи поголема предвидливост и планирање при набавката на суровина и при производството . Во согласност со податоците за искористеноста на мерката, доставени од компаниите, во целост или, пак, во највисок процент ја искористиле големите и водечки компании, кои се, наедно , и двигатели на оваа индустрија во земјата. Наспроти нив, мал е процентот на искористеност кај малите компании, а во меѓувреме две од нив беа принудени да ги затворат своите производствени капацитети.

Сега, во овие исклучително тешки услови предизвикани најпрвин од пандемијата, а сега и од воените дејства во Украина, дополнително проследени со енормни зголемувања на цените на енергенсите и на суровините во овој сектор, продолжувањето на оваа мерка е најмалку што Владата треба да направи за да ѝ се даде шанса на месната индустрија да преживее.

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување