„Брако“ инвестира во еколошки технологии и производни капацитети
➢ Актуелно (13.05.2022, во 16:44:22)
👁 Прочитано: 342



Дел од содржината е преземена од МИА.мк
„Брако“ инвестира во еколошки технологии и производни капацитети

Во присуство на претставници на локалната и централната власт, како и претставници на бизнис заедницата, меѓу кои и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, компанијата „Брако“ од Велес денеска ја претстави новата еколошка производствена линија за поцинкувана жица со која ќе го зголеми производството, а менаџментот на компанијата најави и изградба на комплетно нова хала за склопување на новите возила од програмата на грин машини.

Машините за новата производствена линија се донесени од Шпанија, а според претседателот на Управниот одбор на „Брако“, Кочо Анѓушев, се работи за комплетно нова еколошка линија. – Воедно, го дуплиравме капацитетот од 400 тона на скоро 700 тона месечно, а сега имаме можност да додадеме уште шест нови линии и производството да биде 1.500 тона месечно, со што во однос на првичното, за  четири пати ќе го зголемиме производството на поцинкувана жица, рече Анѓушев.

Посочи дека и старата Цинкара односно стариот погон е комплетно реконструиран и дека таму се инсталирани нови машини за производство на федери за душеци. Енергетската криза, како што соопшти Анѓушев, се обиделе да ја ублажат со инсталирање на фотоволтаици на халите на „Брако“. Новата хала, што ја најави Анѓушев, ќе биде до постојната и со неа се очекува да се зголеми капацитетот за производство на возила од линијата грин.

„Брако“ на почетокот на ковид пандемијата имаше производствен циклус од 10 милиони евра само во оваа фирма, а 21 милион евра во сите придружни фирми на компанијата. -Горди сме што 70 проценти од тие 10 милиони евра се вложени во машини, а 30 проценти во хали. Се купуваше интензивно нова технологија, најсовремена во светот, за да се постигне поголема продуктивност, рече Анѓушев.

 

Служба за информирање при Комората