АЗЕСКИ СО СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ВО ПРИЛЕП И ВО БИТОЛА
➢ Актуелно (13.05.2022, во 08:08:31)
👁 Прочитано: 365




АЗЕСКИ СО СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ВО ПРИЛЕП И ВО БИТОЛА

Во рамките на засилените активности преку непосредни контакти со бизнисмените, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, денеска во Битола ќе разговара со раководствата на регионалните комори во Битола и во Прилеп. Состојбите налагаат контактите да бидат секојдневни бидејќи ситуацијата се менува од ден на ден. Сепак, основните приоритети опстојуваат и натаму и ќе бидат во фокусот на интересирањата.

  • Дефинирање модел за поддршка за потрошената електрична енергија бидејќи безусловно најголем проблем за сите компании е скапата струја, поради што сметките им се зголемени и до трипати, а поскапувањето и на нафтата ја подигнува цената на транспортот, што придонесува за драстичен пораст и на крајната цена на производот.
  • Олеснување и намалување на времетраењето на административните постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство, за да се обезбеди за краток период поевтина струја.
  • Континуираниот раст на цените на суровините на светските берзи ги поскапува крајните производи и негативно се одразува врз конкурентноста на македонските производи на странските пазари.
  • Моделот на јавните набавки, кој, поради фиксните цени, ги прави проектите неодржливи и кој води до колапс наа компаниите од градежниот сектор, а во другите дејности (прехранбената, металната и електроиндустријата и сл.) се најавува откажување на тендерите или носење одлуки да не се учествува на јавните набавки.
  • Стабилна даночна политика до крајот на годината заради обезбедување каква-таква сигурност за бизнисот во услови на голема неизвесност и непредвидливост.

Паралелно со актуелните интервентни приоритети за бизнисот во услови на глобална мултикриза, на средбата ќе стане збор и за регионалните капитални проекти, кои мора да бидат приоритетно дефинирани затоа што се во интерес на развојот на целата држава.

Служба за информирање при Комората