Како институција која континуирано вложува во развојот на човечките ресурси, свесна дека успехот на институцијата зависи од стручноста на вработените, Стопанската комора, ја реализираше и втората обука согласно Програмата за развој на човечките ресурси.
Тема на обуката беше: Стандарди на занимања и стандарди на квалификации за обезбедување квалификации за потребите на бизнис зедницата на која учесниците се запознаа со улогата на стандардите на занимања и стандардите на квалификации. На обуката беше истакнато дека дизајнирањето на стандардите е резултат на потребата образовниот систем да биде ускладен со потребите на пазарот на трудот, бидејќи поради таквата нескладност, реалниот сектор по вработувањето на новиот кадар имаше потреба од дополнителни обуки за вештини за вклучување на нововработените во работните процеси. Предавач на обуката беше м-р Наташа Јаневска, експерт за образование во Комората. 
Во првиот дел од обуката беа презентирани содржината на двата стандарда (Стандардот на занимање и Стандардот на квалификација) и нивната употребна вредност, како и процесите за развивање и дизајнирање на стандардите. Преку стандардите на занимања и стандардите на квалификации, образовниот систем треба да пронајде нови начини за развивање на приоритетните практични, но и трансферзални вештини (критичкото мислење, решавањето на сложени проблеми, взаемното делување, учење како да се учи, воведување новини, корпоративна одговорност, совладување неуспех, донесување одлуки, анализирање, истражување, раководење со проекти, пишување, поучување и комуникации, потребни на реалниот сектор и кои ќе можат продуктивно да се применат во различни работни опкружувања.
Во вториот дел од обуката учесниците се запознаа со процесите за осигурување квалитет, телата за осигурување квалитет во квалификацискиот систем и со постапките за вклучување на квалификациите во регистарот на квалификации.
Обуката беше интерактивна што придонесе да се дадат одговори на неколку отворени прашања од процесот на развивање на квалификациите, креирани според потребите на реалниот сектор, но и за личен развој на поединецот.