ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ - АЛАТКА ЗА ПОЛЕСНО ВКЛУЧУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД
➢ Актуелно (03.05.2022, во 15:10:44)
👁 Прочитано: 482



Од гостувањето на м-р Наташа Јаневска на МРТВ
ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ - АЛАТКА ЗА ПОЛЕСНО ВКЛУЧУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД

Во услови на недостаток на стручен кадар за непрекинато работење на компаниите, дуалното образование е најефикасниот начин за обезбедување стручен кавлификуван кадар. Инвестицијата во дуалното образование е инвестиција во реалниот сектор, а со тоа и во растот на економијата, бидејќи економијата мора да се потпира на стручност и применливи знаења.  

Стопанската комора пред многу години го детектираше проблемот со недостаток на стручен кадар, а од 2016 година со свои активности придонесуваше за воведување на дуалното образование како можност компаниите самите да учествуваат во креирање на потребниот кадар, преку креирање на квалификации и образовани програми, но и преку вклученоста во реализација на практичната обука на учениците.

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ што ја спроведуваат Стопанската комора и министерството за образование и наука, со поддршка на проектот „Образование за вработување“, придонесе за зајакнување на  социјалниот дијалог помеѓу реалниот и образовниот сектор на локално и регионално ниво за дизајнирање на нови квалификации и модернизирани образовни програми, воспоставување на рамнотежа на понудата и побарувачката и креирање релевантна уписна политика за она што има потреба на пазарот на труд за да можат учениците по нивното вработување веднаш да се вработаат, а не образување кадри кои ќе бидат неупотребливи. Тоа го констатираше и Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата земја дека 80% од невработените се долгорочно невработени поради неусогласеноста на понудата и побарувачката за вештини.

Интересот на компаниите кои се вклучуваат во стручното образование и обука расте. Пред само две години имавме 11 компании вклучени во процесот, минатата учебна година имавме 211 компании, а веќе за идната учебна година во конкурсот се вклучени околу 500 компании и тоа во време кога минатата година, поради здравствената криза, 7.000 компании престанаа со своето работење.

Придобивките и трошоците за компаниите од вклучувањето во стручното образование се променливи во зависност дали се гледа краткорочно или долгорочно. Ако се гледа краткорочно, трошоците се поголеми и се однесуваат на обезбедување ментор, лице вработено во компанијата кое ги води учениците низ работните процеси, обуката за ментори, верификацијата на компанијата, обезбедување услови за практична обука, опрема за безбезбедност и заштита на учениците, надомест за работата на учениците, за храна и превоз. Ако се гледа долгорочно, придобивките се поголеми затоа што учениците се подготвени за работните процеси, развиваат специфични практични вештини, развиваат меки вештини, имаат употребливо знаење, веднаш можат да се вклопат во работната средина, нема дополнителни финансиски средства на компанијата за дообука на нововработените и може да ги предвидува идните инвестиции зошто знае дека веќе има иден кадар за своите потреби.

Целото интервју од гостувањето м-р Наташа Јаневска, експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување во Стопанска комора на Северна Македонија и експерт за стручно образование и обука, можете да го погледнете на видеото во текстот. 

Служба за информирање при Комората