ПРЕТСТАВНИЦИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ВИК МАКЕДОНИЈА
➢ Од компаниите (21.03.2022, во 15:50:25)
👁 Прочитано: 1411




ПРЕТСТАВНИЦИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ВИК МАКЕДОНИЈА

Претставници од Стопанската комора на Северна Македонија остварија работна посета на ВИК Македонија, при што се сретнаа со дел од менаџментот и направија обиколка на производствените погони со цел да се запознаат со тековните проекти на компанијата, но и со самите производствени процеси.

Во рамки на посетата се разговараше за деловниот амбиент по почетокот на здравствено економската криза, планираните проекти на компанијата, инвестициските активности и плановите за натамошен раст и развој, како и за коморските активности и барањата до надлежните институции за поддршка на членките во услови на криза иницирани преку Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори. Се покрена и прашањето за обезбедување на стручен кадар во однос на кое ВИК Македонија е една од компаниите кои претставуваат позитивен пример за развој стручното образование и обука и кои активно се залагаат за нивна промоција преку земање ученици на пракса во компанијата.

Германската компанија ВИК е основана во Германија во педесеттите години на минатиот век како производител електрични апарати/уреди наменети за домаќинствата и поседува неколку погони ширум светот вклучувајќи ги и Индонезија и Кина со над 2.000 вработени. Од основањето до денес, ВИК развива системски решенија и има произведено широка палета на производи. Благодарение посветениот кадар и флексибилноста да ги прилагоди услугите на потребите на деловните клиенти, ВИК се трансформира во глобален партнер за развој и производство за многу водечки меѓународни брендови.

Фабриката во Прилеп вработува околу 350 лица со тенденција за пораст на инвестициите и бројот на вработени. Погоните се изградени по највисоки стандарди и располагаат со машини за сериско производство на сите компоненти на електричните апарати кои ги произведува фабриката и кои тука и се склопуваат и подготвуваат за испорака како финални производи.

Служба за информирање при Комората