Извозот на „Алкалоид“ достигна 136 милиони евра, добивката надмина 21 милион евра
➢ Од компаниите (01.03.2022, во 16:08:15)
👁 Прочитано: 968



Солидни растови на приходите од извоз во повеќето земји каде компанијата извезува, а пробив на „Бекутан“ линијата и на пазарот во Саудиска Арабија.
Извозот на „Алкалоид“ достигна 136 милиони евра, добивката надмина 21 милион евра

Вкупниот (консолидиран) извоз на македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ достигна 136 милиони евра лани. Во споредба со претходната година порасна за 8 милиони евра или 6 отсто, потврдуваат официјалните податоци од финансиските извештаи за работењето лани на најголемиот македонски извозник на фармацевтски, хемиски и козметички производи.  

Извозот на „Алкалоид“ во консолидираните продажби учествува со 65 отсто. На домашниот пазар овој фармацевтски гигант реализирал продажба вредна 72 милиони евра. „Алкалоид“ лани успеа да постигне одличен прогрес на повеќе странски пазари. Според официјалните информации најголеми растови има на следните европски пазари:Германија (раст од 160 %), Полска (раст од 131 %), Украина (раст од 47 %), Русија (раст од 45 %), Унгарија (раст од 30 %), Бугарија (раст од 16 %) и Чешка (раст од 12 %). За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби на производи во Германија, Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.

Вкупните консолидирани приходи на групата „Алкалоид“ лани пораснаа за 5 отсто во однос на претходната година и достигнаа 214,6 милиони евра. За да го постигне овој резултат „Алкалоид“ лани имал 191 милиони евра консолидирани вкупни расходи. Добивката за минатата година изнесува повеќе од 21 милиони евра и е повисока за 12 отсто во споредба со претходната година.

„Алкалоид“ лани на ниво на група вработил 214 лица, а бројот на вработени е поголем од 2.500 лица. Вкупните инвестиции во основни средства лани достигнаа 19,3 милиони евра.

Служба за информирање при Комората