ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ, ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ, ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ.......
➢ ЕДНА СЛИКА, ИЛЈАДА ЗБОРОВИ (28.12.2021, во 08:14:52)
👁 Прочитано: 626




Во последната недела од годината што изминува, кога се заокружуваат работните задачи во секоја компанија, институција, кога се сумира сработеното, решив преку слики да дадам акцент на најкрупните активности и оние кои по многу нешта оставија печат во уште една Ковид година. А сработевме многу важни задачи. Ги ставивме во функција новите трендови на функционирање на Комората на иднината. Целосно се посветивме на потребите на компаниите и им бевме на услуга кога им требавме. И покрај тешките кризи што нѐ опкружуваат во моментов, концептот за комора на иднината се остварува со забрзано темпо. Водечкиот приоритет, да се ориентираме спрема компаниите почна да ги дава своите резултати. И затоа ќе кажам, се`што правиме, правиме  

ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ, ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ, ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ .......

 

1.
Традиционално, на почетокот на годината ја одбележуваме годишнината на Комората. 2021 година за прв пат во корона услови. Но тоа не не` спречи да  се дружиме со нашите членки, да ги наградиме, да ги пофалиме бидејќи со своето работење дадоа придонес во домашната економија. Но некако неочекувано централна медиумска вест беше гостувањето на Моника Белучи. Иако ние прикажавме еден добро осмислен документарен филм, јавноста, членките и медиумите тоа го преобликуваа во завршена работа барајќи „бесплатни карти за настанот“ и со тоа не обврзаа годинава стварно на прославата да бидеме во нејзино друштво.

Моника Белучи си е светска ѕвезда, но ѕвездите до мене се нашите колешки со коишто направивме проект достоен за почит кој во услови на најтешка пандемија успеа да ја прикаже комората во вистинското светло како институција што не потклекнува пред проблемите, туку се бори.

Оваа година за првпат се разбира и поради пандемијата Комората своите традиционални награди не ги додели во своето седиште на Димитрие Чуповски број 13 во Скопје, туку раководството на Комората ги однесе директно во компаниите кои ги добија. Тоа е за прв пат во нејзината историја и со тоа покажавме дека во понатамошниот период ќе бидеме таму а не во нашите канцеларии.


 

2.

Акцијата за вакцинација во Србија, со која, во еден критичен момент, излеговме во пресрет и успешно вакциниравме 2.500 вработени во компаниите на Стопанската комора конечно не исфрли во орбита и јавно ја потврди тезата дека ние навистина се грижиме за нашите членки. Таа акција која беше беспрекорно организирана на Комората и направи репутација каква немала во последните 25 години. Не само што беше беспрекорно организирана во вистински момент, акцијата за вакцинирање беше причина, компаниите да максимално ја вратат довербата во Комората и не опсипаат со комплименти благодарност и предвремено плаќање на членарината. Но таа акција има и друга димензија, а тоа е за прв пат демонстрираниот регионален пристап во решавање на проблемите, што е пак наш врвен приоритет одма после посветеноста на членките.


 

3.

Агробар Виница

ТМ Штип

Раде Кончар ТЕП

Братство ИНОКС Охрид

 

Реализиравме проект со кој се обезбеди финансиски грант од 500.000 евра за набавка на 23 машини и друга опрема и алати за 4 компании, во рамките на проектот за зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот, електро- и на машинскиот сектор, преку подобрување на технолошките и на производствените способности на извозно ориентираните МСП, за прв пат преку директна финансиска поддршка во форма на грант од Фондот за иновации и технолошки развој финансиран од Светската банка.

Можам да потврдам дека со овој проект продолжуваме и наредната 2022 година


 

4.

Светската Трговска Организација (WTO), Меѓународниот Центар за Трговија (ITC) и Меѓународната Трговска Комора (ICC) ѝ доделија награда на Стопанската комора на Северна Македонија – ДИГИТАЛЕН ШАМПИОН – за проектот „Дигитализација на процесите за издавање е-документи“.

Ние сме првата комора во регионот и пошироко која со сопствено дигитално решение целосно го дигитализираше издавањето на документите за надворешно-трговско работење. На тој начин се елиминира потребата од физичко доставување на документите – пракса на која компаниите трошеа дополнително време и пари. Наградата која ни беше доделена деновиве е признание за сето она што сме го направиле и што ќе го правиме во следните години на нашето постоење. Но тоа беше и повод да ги промовираме и новите кадровски решенија како составен дел на проектот Комора на иднината што предизвика  лавина на позитивни критики во јавноста.
 


 

5.

Станавме застапници за примена на системите САП и за нивна промоција и обезбедивме директно финансиска поддршка на компаниите кои се одлучија да го воведат. Во тоа ни помогнаа и Владата на РСМ со поддршка од 18 милиони денари од фондот за дигитализација и Швајцарската агенција Хелветас со 12 милиони денари. Членките да бидат спокојни, тоа ќе биде активност во наредите 5 години.


 

6.

Стопанската комора испрати соопштение до Берзата, да го послуша гласот на бизнисот и да го одложи носењето на Кодексот кој не е спорен по содржината туку по времето од кога треба да почне да се применува. Веста предизвика голем интерес во државата. Во еден ден имаше над 50-ет објави во медиумите што ја покажува сериозноста на проблемот кој ги засега најголемите македонски бренд компании кои имаат значаен удел во македонската економија.


 

7.

Од кога Бесими е министер за финансии до него доставивме 18 иницијативи. 7 се решени, 9 се во постапка, 2 не се прифатени. Овој резултат е пример дека преку дијалог и дебата врз база на аргументи, анализи и факти, може да се постигне успех односно, Владата да носи решенија кои се во интерес на бизнисот. Особено клучно е трајното укинување или намалување на царинските стапки кај околу 260 суровини и репромтеријали кои се користат во производствениот процес кај компаниите кои се претежно извозно ориентирани а за кои активностите беа иницирани преку Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, ќе овозможи повеќе од 13 милиони евра (што досега се плаќаа на име на царински давачки) да останат во компаниите, во насока на поддршка на нивната извозна конкурентност. Тоа треба да е пример како треба да се соработува и со другите владини институции и органи.


 

8.

Конечно стартуваа со работа новите Совети во делот на функционирањето на новите модули, тела и институции, и тој тренд секој ден ќе се интензивира. На двете слики го гледате почетокот на работа на два модули од Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања. Овој процес е суштинско дело на Претседателот на советот д-р Глигор Бишев и потпретседателката на СКСМ д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, кои направија невозможна мисија и собраа и анимираа и компании и луѓе за остварување на оваа хумана цел.   


 

9.

Клубот на извозници во Стопанската комора ќе го предводи професорот д-р Дарко Лазаров.  Практичното искуство но и академското знаење на проф. д-р Дарко Лазаров како професор на Економски факултет - Штип во областа на меѓународна економија и бизнис, директор на Меѓународниот Институт за Бизнис Анализа и долгогодишен соработник на Стопанската Комора на Северна Македонија, значително ќе придонесе во градење на новиот концепт на Клубот на извозници и успешно реализирање на идните програмски активности кои ќе испорачаат вистинска вредност за членки на Клубот.

Охрид - професорот д-р Дарко Лазаров како ко-автор заедно со Претседателот Бранко Азески на презентацијата на студијата “Модерна реиндустријализација и извозна диверзификација на македонската економија”, во рамките на конференцијата организирана од Владата на РСМ и МАНУ како основа за креирање на идните економски политики за поддршка на извозниот сектор


 

 

10.

Отворен Балкан, иницијатива која на крајот на јули 2021 година го имаше првиот Регионален форум во Скопје. Следуваа средби, следни форуми и состаноци и веќе ги има првите резултати. На форумот во Тирана (20-21 декември 2021 година) дефинирани се 5 договори. Посебно битни се првите два договори кои се потпишаа, а од кои директен бенефит имаат граѓаните на трите земји, а се однесуваат на слободниот пристап на пазарот на труд и системот на електронска идентификација на граѓаните со што се овозможува слободен пристап до услугите.


 

11.

За прв пат заеднички настап на фирмите од регионот на Меѓународниот саем во Тирана (1-4 декември 2021 година), на заеднички штанд во организација на КИФ учествуваше 31 компанија од шестте земји од Западен Балкан. Тоа преставува добра можност за компаниите од регионот на ЗБ6 да ги презентираат своите производи, да ги зајакнат постојните и истражат нови можности за извоз, како и да воспостават нови деловни односи со партнери од Албанија, останатите земји од Западен Балкан или пак други земји.

Во рамки на македонската делегација, претставниците на „ИМВ“ Битола, „Кораб Трница“, „Агро Вардарие“, „Тим Ентерпрајс“ и „Биомарел Шитаке“ „Центрофрута“, преку Б2Б средби, промоции, дегустации, ги презентираа своите производи и потенцијалите за продлабочуање на соработката на пазарите во останатите земји од Западен Балкан. Во присуство на амбасадорот на РС Македонија Н.Е. Данчо Марковски, остварив разговори со бизнис делегацијата и околу можностите и програмите што ги нуди Коморскиот инвестициски форум за бизнис секторот.

Во текот на траењето на саемот во Тирана на кој за прв пат се појавија фирми организирани во Коморскиот инвестициски форум, имав работна вечера и средба со еден од најголемите албански бизнисмени Васил Наци. На работната вечера имаше голем број албански и српски бизнисмени  како и други јавни личности. На сликата на штандот на КИФ, ЗБ6, сум со групата македонски бизнисмени учесници на саемот.


 

12.

Ковид условите не ме спречија ниту во реализација на плановите за посета на нашите членки. Во оваа репортажа извојуваме само дел од нив.

Почна со работа ВИНЧИНИ ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ И ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА, иновативен, модерен, професионален како во најразвиените такви центри во Европа. Идејата и реализацијата за визијата и иновативниот пристап и примена на најсовремена технологија, се дело на МАКПРОГРЕС Виница предводена од Глигор Цветанов, потпрестедател на Стопанската комора.


Новиот иновациски и технолошки центар во срцето на текстилниот град кој го има реализирано фабриката „ЕАМ“ Штип, е една од посетите вредна за одбележување.

Текстилната компанија која е помеѓу 200-те најголеми извознички во Македонија, со визија за заокружување на целокупниот производствен процес од производство на суровина до изработка на производ. Како една од најбрзо растечката фирма кај нас, во кругот на фабриката навистина имаше што да се види. Изненадување на секој чекор. Во дворот засаден памук, до производната програма која завршува кај најреномираните брендови во Европа и светот („Мерцедес Бенз“, „БМВ“, „Катерпилар“), но најголемо изненадување беше што оваа компанија има нова локација на која е изградена една од најмодерните фабрики во Македонија и сопственото производство на памук за потребите на компанијата. Се она што го видовме покажува дека оваа фирма е и ќе биде најдобриот промотор на нашите политики за зголемување на производството и извозот.


Во рамки на посетата на Еуроникел во Кавадарци (3-та на листата на топ 100 извозници во 2020-та година, со реализиран извоз од 182 милиони евра и остварени приходи од 188 милиони евра), ја потенцирав исклучително важната улога на Комората во поддршка на компаниите за постигнување на што повисок раст и профит, како и нашето активно вклучување во процесите за изнаоѓање решенија за проблемите врзани со здравствената и енергетска криза.


 

13.

Децентрализацијата е прашање на кое ќе се фокусираме активно во следниот период. Веќе оставрив со неколку грдаоначници.

На 1.12.2021 година одржав средба со Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков. Разговаравме за актуелни теми и можности за реализација на повеќе проекти во областа на туризмот, здравство, инфраструктура...

Како двајца охриѓани ќе се заложиме да изнајдеме повеќе начини за реализација на повеќе проекти од интерес на сите граѓани.

Посета на компаниите од кавадаречкиот регион (26.11.2021 година), ја искористив да му го честитам новиот мандат на градоначалникот Јанчев, долгогодишен претседател на Регионалната комора во Кавадарци и еден од сопствениците на Кожувчанка, а на средбата беше акцентирано дека за бизнис секторот на локално ниво врвен приоритет е децентрализацијата како основен предуслов за локален економски развој.
 


 

14.

Неколку мои јавни настапи годинава предизвикаа реакција во јавноста но и кај нашите компании членки.

Интервјуто на Телма ТВ со новинарката Наташа Стојановска, каде отворено дебатиравме за фактите и реалната состојба во бизнисот.

Моето прво гостување во студиото на штипското национално радио Канал 77, различен стил на претставување на моите но и на активностите на Комората. Деновите што следеа, кажаното во „Стадион“, емисија на новинарот Столе Наумов еден од брендовите на македонскиот журнализам, беше во топ вестите цитирани во другите медиуми.

Гостував и во емисија „Еден на Еден“ што за мене причинуваше вистинско задоволство бидејќи беше надвор од моите работни обврски.


 

15.

Издадовме нова брошура, во која сублимирано, на едно место ќе прочитате зошто Комората на својата 100-годишнина некој ја препознава како „Комора на иднината“ и ја наградува.

Концептот „Комора на иднината“ претставува одговор на потребите на бизнис-заедницата да има силен партнер, кој со своето знаење и со експертизата ги рефлектира современите трендови и практики на дејствување во брзо и во динамично општество.

Линк до брошурата

Мораме да признаеме дека во условите во кои работиме ова е значаен успех. Тоа го чувствуваме и со повратната информација од компаниите, а морам да кажам и дека секојдневно пристигнуваат пораки преку електронската пошта со благодарност до Комората што се грижи за своите членки. Сѐ на сѐ, комората на иднината оди напред и во вакви услови.

За Сето ова да добие заокружување се погрижија Собранието на СКСМ како највисок орган и УО кои на своите седници одржани минатата недела дадоа силна и единствена поддршка до раководството на Комората и до мене да истраеме на патот по кој сме тргнати, ги верифицираа сите наши активности во текот на 2021 година и со тоа ни дадоа поттик да влеземе во јубилејната годишнина со голем оптимизам.

 


„ЕДНА СЛИКА ИЛЈАДА ЗБОРОВИ  (Неделен преглед), 8.12.2021

ЕДНА СЛИКА, ИЛЈАДА ЗБОРОВИ (Неделен преглед), 12.12.2021

ЕДНА СЛИКА, ИЛЈАДА ЗБОРОВИ (Неделен преглед), 18.12.2021

Служба за информирање при Комората