ГРАДЕЖНИЦИТЕ НА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ БЛАГОЈ БОЧВАРСКИ Итно решавање на приоритетните барања за да опстои една од клучните гранки на македонската економија
➢ Актуелно (22.12.2021, во 17:11:15)
👁 Прочитано: 604




Итно решавање на приоритетните барања за да опстои една од клучните гранки на македонската економија

      Состојбите во високоградбата и инфраструктурата, импликациите од ценовните поскапувања на градежните материјали и производи врз трошоците за изведба, нелојалната конкуренција од увозот на градежни производи, реализацијата и администрирањето на отпочнатите капитални проекти и планираните инвестиции беа темите за кои Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите разговараше со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на одржаната работна средба во Стопанската комора на Северна Македонија.
      Согласно волуменските индекси кај Бруто-домашниот производ според производниот метод, во третото тромесечје 2021 година има пад од 1,5 % споредено со третото тромесечје од 2020 година. Бројот на вработени во градежништвото во третото тримесечје бележи пораст од 3,1 %, а просечната исплатена нето-плата по вработен за првите девет месеци бележи пораст од 6,1%. Податоците упатуваат на заклучокот дека во услови на намалена градежна активност и значителен пораст на трошоците за плати, репроматеријали и други услуги, градежните компании не го намалија бројот на вработени, односно компаниите сами го преземаа товарот за справување со последиците од пандемијата – посочи во своето воведно обраќање претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски.
1.    Пандемијата во овој сектор предизвика драстичен раст на цените на репроматеријалите на светските берзи што пак предизвика раст на цените на градежните производи, кои до крајот на годината кај оплатата се очекува да достигнат до 55 %, кај геокомпозитот до 57,5 %, кај термоизолацијата ESP до 61,3 %, кај заштитните премази до 44 %, кај полимер-битуменот за асфалт до 47%, а кај челичните профили и цевки дури до 95%. Тоа директно се одразува на исплатливоста на реализацијата на проектите кои се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки. Поскапувањата на производите влијаат и врз цените на становите, како и врз одлуките за приватни вложувања во домувањето (реновирање, реконструкција и слично), што, покрај компаниите, ги засега и приватните инвеститори и граѓаните. 
     Поради тоа, беше побарано надлежните институции, вклучувајќи го и министерството за транспорт и врски да се заложат за имплементација на покренатите иницијативи од градежниците со кои се предлага:

  • да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5 % за прометот и за увозот на градежни производи, до стабилизирање на пазарот на градежни производи, 
  • во новите постапки за доделување на договорите за јавни набавки на работи, во тендерската документација да се предвидува можност за корекција на цените, за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на покачување на цените без спроведување нова постапка за јавна набавка, додека во однос на склучените договори за јавни набавки, Владата по примерот на некои земји во регионот (Република Хрватска) да ги повика договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени на градежни материјали и производи, за да ги утврдат ставките каде промената на цената по почетокот на пандемијата влијаела на нивно зголемување за повеќе од 10 %, по што врз основа на анализата потоа ќе пристапат кон измена на договорите. 

2.    Бизнис заедницата се интересираше и околу подготовката на проектна документација и изградбата на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и изградбата на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот 10 и поконкретно околу можноста за вклучување на домашните градежни компании во сите фази на имплементација на проектите. Реалниот сектор оцени дека изградбата на овие автопати претставува сериозна градежна активност земајќи ги предвид големината и потенцијалите на нашата држава и очекува Владата да се заложи за 51 % од проектирањето и изведбата на посочените патни делници со стратешкиот партнер да бидат ангажирани домашните градежни компании.
3.    За крај беше покренато и прашањето за примената на членот 119, став 2 од Законот за јавните набавки која во пракса доведува до закочување на реализацијата на одредени капитални проекти. Беше посочено дека начинот на кој е дефинирана оваа одредба недоволно прецизно и јасно уредува дали во измената на вредноста на договорот за јавна набавка влегуваат и дополнителните работи, како и дали вредноста на измената на договорот која треба да не надминува 20% од вредноста на првичниот договор ги опфаќа збирно дополнителните и непредвидени работи, вишоци и кусоци на работите, или пак во овој процент влегуваат само збирно дополнителни и непредвидени работи и вишоци на работите, без притоа од вредноста да бидат одземени кусоците. Поради тоа, беше предложено да се даде препорака и да се повикаат сите договорни органи да постапуваат согласно ставот заземен од Бирото за јавни набавки во случај на измени на договорот за јавна набавка во процентот од 20 % кој не треба да ја надмине вредноста на првичниот договор, освен дополнителните и непредвидените работи, вишоците да се засметуваат откако претходно ќе се пребијат со кусоците.

Министерот за транспорт и врски во опсежната дискусија вети дека сериозно ќе ги разгледа барањата на градежниците и дека ќе се заложи за изнаоѓање на решенија кои ќе ги ублажат ценовните шокови во делот на градежните производи, како и за доследна и воедначена примена на Законот за јавни набавки во делот на пребивањето на вишоците со кусоците. Што се однесува на изградбата на делници од коридорите 8 и 10 со стратешки партнер, посочи дека се планира повеќестепено одлучување во процесот пред склучување на договорите, како и избор на консултантска компанија која ќе преговара со стратешкиот партнер на експертско ниво, а дека ќе се води сметка во експертските тимови да има и претставник од Стопанската комора, се’ во насока да се овозможи и домашните компании да бидат вклучени во реализацијата на овие сериозни градежни проекти. 
 

 
м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување