ПРЕКУ НОВИТЕ СОВЕТИ СКСМ ЌЕ ЈА ЈАКНЕ КОНКУРЕНТНОСТА НА КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (26.11.2021, во 12:28:12)
👁 Прочитано: 1824



Пренесено интервју на д-р Јелисавета Георгиева Јовевска за Фокус.мк
ПРЕКУ НОВИТЕ СОВЕТИ СКСМ ЌЕ ЈА ЈАКНЕ КОНКУРЕНТНОСТА НА КОМПАНИИТЕ

Со конституирањето на четири нови совети завршува просецот на суштинска трансформација на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) наречен „Комора на иднината“ во пресрет на 100 - годишнината од нејзиното постоење. 

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на Советите за „Фокус“ појаснува дека се анимирале неколку 100-тини нови бизнисмени и научни работници коишто ја прифатиле понудата да се придружат кон овие совети и на тој начин да помогнат на сите, на компаниите на Комората, и на Државата во градење на иднината. Крајниот резултат треба да биде сосема нов концепт на високото и средното образование кое ќе формира кадри, потребни на бизнисот, кои ќе ги отворат процесите на дигитализација, индустриски дизајн, телекомуникации како и формирање на берза на трудот, доследно имплементирање на системот на дуално образование и подигнување на капацитетите на арбитражата, медијацијата и судот на честа. Георгиева Јовевска вели дека реализирање на зацртаните заложби и афирмација на новите вредности имаат една цел-да се креираат нови услуги согласно потребите на компаниите.

-Во рамките на Советот за високо образование и стратешки истражувања, креиравме неколку Програми од кои со две стартуваме на 9 и 10 декември оваа година, со Програмата за страрт ап бизниси стартуваме од крајот на јануари 2022 година а со Школата за извоз започнуваме од месец ноември 2022 година, појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска.

Така првите две, односно шестмесечната Школа за создавање бизнис лидери започнува на 09 декември 2021 година а ќе трае до мај 2022 година. Станува збор за уникатна програма наменета за среден менаџмент од големи и средно големи компании, кои преку 7 модули ќе стекнат практични знаења и искуства споделени од 50-тина реномирани домашни и странски предавачи од бизнисот и науката.

Втората, шестмесечната Школа за развој на мали и средни бизниси исто така започнува на 09 декември 2021 година, а ќе трае до јуни 2022 година. И тука станува збор за уникатна програма а истата е наменета за виш менаџмент од мали и средни компании, кои преку 8 модули ќе стекнат практични знаења и искуства споделени од 30-тина реномирани домашни и странски предавачи од бизнисот и науката.

-Предавачи и членови на Програмските одбори во сите модули ќе бидат најуспешните менаџери и научни работници од нашата држава претставени во органите и телата на Комората, како и многу други успешни личности, пред се од бизнисот, кои зад себе оставаат и прикажуваат резултати во работењето, вели таа.

- Напорно работевме со претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, д-р Глигор Бишев и со претставници од бизнис секторот, претставници од универзитетите и другите институции да ги направиме овие Програми. Сметам дека слушателите ќе бидат задоволни од предавачите и темите што ќе им бидат презентирани. Се потрудивме да донесеме квалитетни предавачи со големо искуство кои се дел од многу успешни компании и институции и кои на слушателите ќе им пренесуваат практични искуства и знаења. Нашата определба е сите овие Програми да се надополнуваат, да се вклучуваат нови предавачи кои на слушателите ќе им презентираат најактуелни теми. Ги покануваме сите заинтересирани компании да ги пријават своите кандидати и да бидат први слушатели на програмските содржини кои ветуваат квалитет, подвлекува во интервјуто Георгиева Јовевска.

Целото интервју на д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и проектен менаџер за развој на Советите можете да го прочитате на следниот линк: Интервју на Георгиева Јовевска за Фокус.мк

Служба за информирање при Комората