ЗЕМЈАТА НА ЧАСОВНИЦИТЕ И ЧОКОЛАДОТО
👁 Прочитано: 1316



Зошто дуалното образование во Швајцарија е успешно?
ЗЕМЈАТА НА ЧАСОВНИЦИТЕ И ЧОКОЛАДОТО

Швајцарија, земја на часовници, ниска стапка на невработеност, квалификувана работна сила и највисок бруто-домашен производ по глава на жител како резултат на промената на структурата на економијата. Од традиционално важните индустрии како земјоделство и градежништвото, фокусот е ставен на услужниот сектор, предводен од финансиските услуги и високо технолошки развиената индустрија, а поттикната од ниските стапки на корпоративните даноци.

Двигател на швајцарската економија претставува дуалниот систем на образование, преку кој се обезбедува квалификувана работна сила. Пристапот на комбинација на теоријата со праксата за оспособување на учениците прв пат е воведен во 1924 година, во училиштето за часовници во Женева и трговското училиште во Берн, во 1928 година.

Како функционира дуалното образование?

Стручното образование и обука, вклучувајќи го и дуалното образование, функционира врз принцип на јавното приватно партнерство помеѓу Конфедерацијата, кантоните и професионалните организации (здруженијата). Кантоните се одговорни за стручното образование и обука, па според тоа во нивна надлежност се и стручните училишта за кои се троши околу 70% од финансиите. Кантоните обезбедуваат 75% од финансиите, а 25%  Конфедерацијата.

Програмата за теоретскиот дел од наставата е одговорност на кантоните во согласност со Уредбите за стручно образование и обука кои ги регулираат предметот и времетраењето на соодветната програма, целите и барањата на сегментот за настава во училница и сегментот на учењето преку работа, процедурите за квалификација и документите што се добиваат по завршување на образованието. Учениците вклучени во дуалното образование поминуваат еден до два дена неделно на училиште и три до четири во компанија.

Компаниите се одговорни за практичната обука на учениците како дел од професионалните организации во јавно-приватно партнерство и ги покриваат трошоците за обуката во вид на плати на учениците, обука и плати за менторите, опрема и заштитна облека за учениците и работни материјали. Почитувањето на стандардите е составен дел од процесот за вклучување на компаниите во стручното и дуалното образование, а тоа значи: акредитирање на компаниите за реализација на практична обука, обучен ментор за следење на учениците и обезбедување плата за учениците кои реализираат практична обука во компаниите.

Ако се направи споредба со дуалниот систем во Австрија и Германија, учениците во Швајцарија се сметаат за вработени во компанијата и ги имаат сите придобивки на вработен – осигурани се и имаат придонеси, но не смеат да работат прекувремено. Месечната плата на ученикот е различна и пред сѐ, зависи од програмата за стручно образование и обука. Висината на платата е составен дел од договорот за индивидуално учење, потпишан помеѓу ученикот и работодавачот и во првата година од школувањето изнесува 12% од платата за одредено занимање. Како пример, ученик запишан во тригодишна програма за стручно образование, во текот на 1-та година заработува бруто годишна плата од 8.768 швајцарски франци, во 2-рата година 11.566 швајцарски франци, а во 3-та година заработува 18.534 швајцарски франци или вкупно 38.868 швајцарски франци за време на своето тригодишно образование. По завршување на образованието ученикот има можност да остане на работа во истата компанија во која ја реализирал практичната обука.

Зошто дуалното образование во Швајцарија е успешно?

Компаниите инвестираат во образованието затоа што добиваат:

1. материјални придобивки: Компаниите сметаат дека продуктивниот придонес на ученикот во компанијата ги надминува прошоците за неговата обука и дополнителните трошоци за огласи и вработување лица кои треба да ги обучуваат. Трошоците кои се уплаќаат во професионалните здруженија од страна на компаниите се помали за оние компании вклучени во дуалното образование.

2. зајакнување на имиџот: Учениците стануваат свесни за компанијата, стануваат лојални на компанијата и сериозно ја сфаќаат својата социјална одговорност.

3. иновативност: Младите носат свежи идеи и ги поттикнуваат постарите вработени да се откажат од  старите традиционални навики.

4. инвестиции во иднина: Добро обучените вработени можат брзо да се прилагодат на новите случувања и можат да бидат пресуден фактор за успех. Учеството на компаниите во дуалното образование ја олеснува потрагата по соодветни работници во иднина и спречува недостаток на вештини во определен сектор.

Заклучок: Во дуалниот систем на образование вклучени се две третини од младите во Швајцарија. Особено е значаен за малите и средни претпријатија до 249 вработени, кои претставуваат 99,8% од сите бизниси во Швајцарија и вработуваат 83% од лицата, активни во приватниот сектор.

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување