РАБОТНА СРЕДБА ВО КОМОРАТА Преку интервентен увоз на јаглен до ублажување на струјниот удар врз стопанството
➢ Актуелно (08.10.2021, во 16:48:53)
👁 Прочитано: 772




Преку интервентен увоз на јаглен до ублажување на струјниот удар врз стопанството

Да се формира Гарантен фонд преку државните институции како гаранција и заштита на компаниите кои набавуваат електрична енергија на слободниот пазар од лиценцирани снабдувачи во услови на драстични скокови на берзанските цени на електрична енергија каква што е сега ситуација. Ваквото барање денеска беше испорачано од бизнисмените членки на Стопанската комора на Северна Македонија на состанокот со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РСМ м-р Марко Бислимовски и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Состанокот беше организиран на иницијатива на Комората по реакција на повеќе компании членки кои се соочуваат со драстично зголемување на цената на електричната енергија од снабдувачите, како и најави за раскинување на договори на многу не коректен, не професионален и не еснафски начин. Во таков случај се доведува во прашање извозната активност на компаниите и проблемот со испораки во договорени рокови и по дефинирани цени што крајно ќе се одрази и на вкупната економска активност на државата.

Извршниот директор на Стопанската комора м-р Антони Пешев на почетокот на дискусијата посочи дека улогата на Комората за ова прашање е да биде координатор и олеснувач на овој процес со надлежните институции и дека се става на располагање на компаниите 24 часа во насока на информирање за актуелните проблеми и барање за разрешување на истите. 

Состанокот во Комората се организираше по објавата на јавниот повик за интервентен увоз на високо квалитетен јаглен со цел да се анимираат членките да се вклучат во оваа активност под условите објавени во огласот со гарантирано плаќање со рок од 30 дена.

Компаниите дадоа поддршка на процесот, укажувајќи подготвеност да учествуваат во истиот со цел зголемување на капацитетите за домашното производство по цена поевтина од берзанската која ќе гарантира колку толку стабилност на производствените процеси во компаниите. Но укажаа и на повеќе дилеми кои се однесуваат на логистичката поддршка околу транспортот на 1,2 милиони тони јаглен имајќи предвид дека дневно се потребни преку 200 камиони кои би ја превезувале количината јаглен до РЕК Битола и преку 120 камиони до РЕК Осломеј Кичево.

Дел од компаниите големи потрошувачи укажаа и на фактот дека се свесни оти ваквиот модел на поддршка нема да им обезбеди 100 проценти од потребната количина на електрична енергија, и дека е потребно технички да се уреди како ќе се препознае енергијата од домашното производство. Подготвени се дури и да се вклучат и да помогнат во директна набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, за да се обезбеди дополнителна количина на домашно производство.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РСМ м-р Марко Бислимовски информираше дека континуирано ги следат трендовите и состојбите на европскиот пазар, следствено на тоа вршат и засилен мониторинг на лиценцираните снабдувачи на слободниот пазар. Сепак претседателот Бислимовски информираше дека актуелната криза укажала дека има потреба од заострување на критериумите и дополнителна регулација на издавањето на лиценци на снабдувачи на електрична енергија не слободниот пазар и уредување на висината на банкарските гаранции. Недостатокот на производство на електрична енергија за европскиот пазар вели Бислимовски е резултат на повеќе фактори. Во Европа следејќи ја зелената агенда многу држави ги затвори термоелектраните кои работат на јаглен, а периодов стариот континент се соочува со лоша хидрографија, ветер, недостиг на природен гас и сериозните трошоци воведени за ЦО2 емисиите. Дополнителен проблем е што сеуште доцни почетокот со работа на Северен ток. 

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски образложи дека Електрани на Северна Македонија со поддршка на Владата ги имаат обезбедено до крајот на годината вкупните потреби за домашно производство за домаќинствата, а преку јавниот повик за интервентен увоз на јаглен ќе се зголемат количините на енергија од домашно производство за покривање на дел од потребите на слободниот пазар. Со ваквата интервенција се регулира производството на електрична енергија за периодот декември – април 2022 година.

Имајќи ја во предвид неизвесноста на процесот на снабдување со енергија на компаниите во следниот период, на состанокот беше констатирано дека ќе остане потребата од отворен дијалог, а имајќи го предвид фактот дека за решавање на проблемот со откажување на договорите со лиценцираните снабдувачи нема надлежност Регулаторната комисија за енергетика и само по судски пат може да се решат споровите, извршниот директор на Комората м-р Антони Пешев порача дека токму ваквите ситуации покажуваат дека користењето на Арбитражен суд при Комората е брзо и ефикасно решение кое може да понуди заштита на деловните зделки на компаниите и треба да се предвидува неговата надлежност во договорите.

 
 
Служба за информирање при Комората