Поддршка за големите извозници: Гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка
➢ Актуелно (24.09.2021, во 14:28:23)
👁 Прочитано: 548




Поддршка за големите извозници: Гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

Преку кредитно-гарантната шема, гаранција до 50% од износот на кредитот за извоз може да побараат големите трговци кои реализирале најмалку триесет отсто од своите приходи од извоз во последната фискална година. Гаранцијата е наменета за големи домашни извознички компании кои се во доминантна приватна сопственост.

Со гаранцијата може да бидат покриени кредити за извоз чиј износ се движи од 3.075.000 денари до 30.000.000 денари. Барање за издавање индивидуална гаранција за големи извозници, компаниите може да поднесат директно до Развојна банка на Северна Македонија. Барањето е достапно на веб страницата на банката под Производи – Гаранции. По добивање на барање од заинтересираната компанија, банката ќе го процесира барањето и ќе издаде индивидуална гаранција од Гарантен фонд за барателот, кон банка или штедилница во која се одлучил барателот да користи кредит за извоз.

На овој начин, преку гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредит за извоз, се обезбедува значителна поддршка на извозниците во насока на обезбедување дел од колатералот за кредит. Како обезбедување за индивидуалната гаранција се користи меница.

Гаранцијата, која може да се движи од 1,5 милиони денари до 15 милиони денари, е овозможена преку воспоставувањето на кредитно-гарантна шема поддржана од државата. Со дополнување на Законот за Развојна банка на Северна Македонија, во рамките на истата се формираше Гарантен фонд како посебна организациона единица. За Гарантниот фонд иницијално се одвоени средства во износ од 10 милиони евра, со што ќе може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 100 милиони евра. Во текот на 2021 година е предвидено зголемување на расположливите средства на Гарантниот фонд за дополнителни 5 милиони евра, со што ќе може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 150 милиони евра.

За условите на гаранцијата, компаниите може да се информираат на веб страницата на банката, во делот на Производи – Гаранции – Индивидуални гаранции.

 

Служба за информирање при Комората