СИНЕРГИЈА ВО ДЕЛУВАЊЕТО
👁 Прочитано: 618




СИНЕРГИЈА ВО ДЕЛУВАЊЕТО

Бизнисот и образованието треба да се нераскинлива алка во градењето на економски развиена држава. Економски развиената држава се потпира на здравиот бизнис, а бизнисот се потпира на силното образование. Тоа значи градење економија втемелена на знаење, економија втемелена на иновации и економија која ќе гради тројно партнерство меѓу образовните институции, бизнисот и државата. Според тоа, бизнисот мора да има добар амбиент за работа зошто од него зависат полнењето на буџетот и создавањето на нови работни места. Образованието, пак мора да биде прилагодливо на брзиот технолошки развој кој го менува светот и бизнисот, и да има добри и иновативни наставници кои ќе создаваат и градат стручен кадар со соодветни вештини и знаења, кој ќе биде препознаен на пазарот на трудот ќе и може бргу и лесно да се вклучи во современите економски текови.

Но, она што го посакуваме не се совпаѓа со реалната состојба. Анализите на Комората покажуваат дека 65% од компаниите тешко наоѓаат соодветен квалификуван кадар, а тоа директно влијае на продуктивноста и производството на компаниите, на нивната ликвидност и на создавање работни места, и го отежнува економскиот развој на државата. За подобро да се разбере, Европската комисија во извештаите за напредокот на нашата земја, три години по ред, нотира дека 80% од невработените се долгорочно невработени поради несовпаѓањето на вештините, а стапката на невработеност кај младите во нашата земја е 35 %, речиси двојно повисока од онаа во ЕУ, која изнесува 17 %.

Ваквите појави заслужуваат да се разгледуваат со внимание и на соодветен начин. Факт е дека подобрување на образовниот систем мора да има, но без партнерски однос и проактивно  учество на главните актери во процесот на образованието, посебно во делот на стручното образование, не може да се очекува успех и квалитет. Што се однесува до партнерскиот однос, тоа бара високо ниво на сложена координација меѓу образовните институции, работодавачите, коморите и организацијата на работодавачи за дефинирање визија, приоритети и активности, како и меѓусебно разбирање на заедничката цел – создавање можности за вклучување на нови работни концепти и технологии во образовниот процес и креирање образовен систем кој создава кадар кој во текот на образовниот процес ќе се стекне со соодветните вештини и знаења што ги бара пазарот на трудот. И во партнерскиот однос нема некоја голема филозофија да се воочи дека коморите се мост помеѓу министерството за образование и наука,  министерството за труд и социјална политика и образовните институции, од една страна, и бизнис заедницата, од друга страна, но сепак мора заеднички да дејствуваат секој од делокругот на своето работење. Затоа, мора да се носат одлуки на заедничко делување на партнерите во процесот на креирање на образовните политики.  Можеби одлуките не се секогаш совршени, но многу е подобро да се донесуваат несовршени одлуки отколку постојано да се бараат совршени одлуки, а со тоа нема навремено да се делува.

Конференцијата на тема „Синергија на партнерите во обезбедувањето пазарно ориентирано стручно образование и обука“ што ја организираше Стопанската комора на Северна Македонија, беше израз на заедничкото дејствување и донесување одлуки од страна на учесниците во стручното образование за креирање образовни политики и создавање кадар кој ќе поседува применливо знаење и практични вештини. На конференцијата, заедничка констатација беше недостаток од анализи за дефицитот на кадар и непостоење среднорочна или долгорочна стратегија за развој, во која се предвидени и потребите од профил на работна сила, а сето тоа изгледа многу нормално и прифатливо зошто образованието не испорачува кадар според потребите на бизнисот.

Не заборавајќи дека светот се наоѓа во четвртата индустриска револуција и учениците мора да се инспирираат да стекнуваат и да ги унапредуваат вештините и компетенциите за новите технологии, логично е на конфернцијата да се донесат вакви заклучоци:  

1. Дефинирање концепт и активности за враќање на атрактивноста на стручното образование и обука;

2.  Дефинирање концепт и активности за зајакнување на улогата на практичната обука кај работодавач, на учењето преку работа и на феријалната практика;

3.   Воведување дуални паралелки за обезбедување ИКТ-кадар;

4.   Ревидирање на даночниот систем во ИКТ-секторот, особено за младите;

5.   Дефинирање концепт со активности за развивање дигитални вештини;

6. Обезбедување обуки за преквалификација и  доквалификација преку неформалното и доживотно учење за обезбедување кадар;

7. Соработка на коморите и Организацијата на работодавачи во креирањето и носењето на образовните политики;

8. Поттикнување на компаниите да започнат да размислуваат за поагресивно вклучување во процесот на образование и во креирањето на уписната политика;

9.   Зајакната соработка и поврзаност со Агенцијата за вработување на РСМ;

10. Професионалност во работењето на институциите за да помогнат во образовните процеси (во формалното и во неформалното образование).

Но, не смее да застане тука. Овие заклучоци треба да се преточат во активности и да се делува за да создава кадар и бизнис за иднината, но и иднина за кадарот и бизнисот.

П.С. Најдобрата награда дека нешто е сработено не е она што се добива од тоа што е сработено, туку она што станува резултат на тоа. Затоа мора да се создаде квалитетно образование, зошто ако не стори тоа, цената ќе ја плаќаат сите – и завршените ученици и компаниите што ги вработуваат, но и целата македонска економија.

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување