ПРЕД СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА МОЖНОСТИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
➢ Актуелно (23.07.2021, во 15:43:11)
👁 Прочитано: 484




ПРЕД СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА МОЖНОСТИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Во соработка со Министерството за труд и социјална политика, пред компаниите-членки на Стопанската комора на Северна Македонија беа презентирани активностите кои се преземаат за  реформирање на системот за вработување на лица со попреченост, односно развој на модел и законодавна рамка за вработување на лица со попреченост.

Елена Трпковска, проект координатор на Проектот за администрирање на социјалното осигурување (СИАП), кој се имплементира во соработка со Светска банка, посочи дека врз основа на меѓународното законодавство и добрите практики, препораките од неодамнешни студии и релевантните меѓународни организации и коментари од релевантни засегнати страни кои ќе се добијат во рамки на консултациите, се работи на нов модел за вработување на лицата со попреченост на отворениот пазар на труд во Република Северна Македонија.

Од страна на експертот Антонио Матковиќ детално беа презентирани принципите на новиот модел кој се предвидува да се примени, фазите на негова имплементација и услугите за поддршка на работодавците и барателите на работа со попреченост, меѓу кои:

  • спроведување на моделот на стручна рехабилитација и зголемување на капацитетите на моментално невработените лица со попреченост, со што се подготвува идната работна сила со попреченост,
  • развој и пилотирање на квотниот систем за работодавците во јавниот сектор и функционирање на фондот за компензација (посебниот фонд) финансиран од компензаторниот надоместок за оние работодавци  од јавниот сектор кои не ја исполнуваат квотата. Во втората фаза би се вовела општа квота за сите работодавци,
  • развој и спроведување на програми за обука и подигање на свеста дизајнирани за активно ангажирање на работодавците од приватниот сектор и нивно подготвување за системот за општи квоти,
  • развој на локална мрежа на даватели на услуги за обезбедување на поддршка за вработување и услуги за активирање во заедницата како поддршка за спроведување на моделот од страна на АВРСМ.

Во дискусијата стопанствениците укажаа дека при подготовката на моделот треба да се земат предвид актуелните состојби во земјата и искуствата во примената на постоечкиот модел, за што се потребни дополнителни анализи врз основа на кои би се креирале мерки за проширување на можностите за вработување на лица со попреченост на отворениот пазар на трудот.

Заеднички беше ставот дека сите фази во реализација на овие активности треба да се преземаат во консултации со бизнис секторот.

Служба за информирање при Комората