ПАРТНЕРСКИ ОДНОС ЗА ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА
➢ Актуелно (05.07.2021, во 14:34:02)
👁 Прочитано: 1072




ПАРТНЕРСКИ ОДНОС ЗА ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА

Jазот помеѓу вештините и квалификациите и неусогласеностa со потребите на пазарот на трудот претставуваат еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат бизнис заедницата и младите лица кои влегуваат во работните процеси. Тоа го потврдуваат и 65% од компаниите во анализите што ги прави Комората за потребите од работна сила.

За решавање на предизвикот од несовпаѓање на вештините со потребите на бизнис заедницата, неизбежна е улогата на коморите и организациите на работодавачи, како здруженија за поддршка на бизнисот. Потврда за тоа се податоците на Еурочемберс (Асоцијација на европските трговски и индустриски комори), кои покажуваат дека 80% од коморите се вклучени во креирање на образованите политики и обуката, а 48% од коморите обезбедуваат стручно образование и обука. Тоа дава јасна слика дека ја разбираат потребата од нивна вклученост во стручното образование и обука и креирање образовни програми според потребите на бизнис заедницата за да се обезбеди компетентен кадар, способен да одговори на новите предизвици.

Проблемот со недостаток на кадар , Комората го детектираше уште во 2007 година и започна системски да ја третира оваа проблематика со конкретни мерки и решенија. Образованието за обезбедување стручен кадар, стана еден од трите приоритети во работењето на Стопанската комора на Северна Македонија, без разлика за каков вид на квалификации станува збор: квалификации стекнати во стручното образование или за високообразовните квалификации, со цел да се влијае на усогласување на вештините и квалификациите кои се нудат, со оние кои се побаруваат на пазарот на труд. Комората укажуваше дека несовпаѓањето на вештините и квалификациите со потребите на пазарот на труд е резултат на погрешната уписна политика која не ги одразуваше потребите на пазарот на труд. Затоа несебично се вклучи во поддршка на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ што ја реализираше министерството за образование и наука со поддршка на проектот „Образование за вработување“ за креирање пазарно-oриентирано стручно образование и релевантна уписна политика според потребите на бизнисот на локално и регионално ниво.

„Пазарно-ориентираното стручно образование бара високо ниво на сложена координација помеѓу образовните институции, работодавачите, коморите и организацијата на работодавачи и нивно меѓусебно разбирање. Тоа значи дека сите разбрале што сакаат да постигнат и какво сакаат да биде стручното образование, а секој во делокругот на своето работење потребно е да дава придонес во обезбедувањето на квалитетно образование за компетен кадар според напредните технолошки процеси и организациската поставеност на компаниитебеше истакнато на денешната прес конференција.

„Мисија на Центарот за стручно образование и обука е да обезбеди квалитетно стручно образование и обука кое одговара на потребите на пазарот на трудот, да придонесе за зголемување на стапката на вработеност на младите и да ја подобри ефективноста и конкурентноста на стопанството. За исполнување на мисијата на Центарот потребна е соработка со Стопанската комора на Северна Македонија. Пазарот на труд и стручното образование не може да се гледаат, третираат и да работат како два одвоени света, туку напротив треба да го негуваат и развиваат колаборативниот пристап и да дејствуваат на принципите на партнерство во насока на поврзување на стручното образование со компаниите, беше истакнато од директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари.

Креативниот дијалог што го нуди Стопанската комора на Северна Македонија во соработката со парнерите е неопходен за решавање на проблемите, а разменетите искуства и идеи помагаат да се подобри квалитетот на образовниот процес за креирање квалитетна и компетентна работна сила која ќе придонесува за растот, развојот и зголемувањето на додадена вредност на компаниите, за одржлив економски раст и развој на земјата, привлекување на нови инвестиции и учество на глобалните пазари.

Подобрувањето на политиките за вклучување партнерите во стручното образование и постигнување синергија во креирањето на пазарно-ориентирано стручно образование и обука за обезбедување стручен кадар, беше предизвикот Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на проектот „Образование за вработување“, да ја организира конференцијата под мотото „ Синергија на партнерите во обезбедување пазарно - ориентирано стручно образование и обука“ што ќе се одржи на 8 јули 2021 година.

Изминатиот период Комората беше вклучена во бројни активности, дебати, панел дискусии, конференции, трибини. Но беа преземени и конкретни активности во насока на обезбедување соодветен кадар за потребите на бизнисот:

1. Креирање системски документи и стандарди, со вклученост на компаниите членки на Комората, со кои се овозможи имплементацијата на образовниот процес и учењето преку работа. Се изработија над 250 стандарди на занимања и над 100 стандарди на квалификации, како и образовни програми за изучување на 85 квалификации од 2, 3 и 4-годишно образование од различни сектори.

2. Медијатор помеѓу компаниите и стручните училиштата за реализација на учењето преку работа во компаниите;

3. Проверката на исполнетоста на условите во компанијата за реализација на практичната обуката преку процесот на верификација. Досега процесот на верификација го поминале над 33 компании, со тенденција бројот да расте, од причина што се поголем број на компании, поттикнати од Комората самите да го обезбедуваат кадарот според своите потреби, се вклучуваат во процесот на учење преку работа или во дуалниот модел на образование.

4. Организацијата на обуките за ментори на лицата вработени во компаниите кои ги менторираат учениците за време на практичната обука во компанијата, и сертификација на околу 350 ментори од 245 компании.

5. Подготовка на нова Програма за обука на ментори и Стандардот за стручен и друг кадар, како и Протоколи за превентивни мерки за изведување на практична обука на учениците во компаниите во време на КОВИД 19 .

6. Дигитализација на процесите преку софтверот за поврзување на компаниите и учениците за реализација на учењето преку работа или дуалниот модел на образование. Проектот „Образование за вработување“ ја поддржа изработката на комплетното дигитално решение, а Комората ја администрира самата платформа.

 
м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување