Иницијативен состанок на „Бизнис платформата КИФ-ЕУ“
👁 Прочитано: 603




Иницијативен состанок на „Бизнис платформата КИФ-ЕУ“

Европската комисија и Коморскиот инвестициски форум, на онлајн состанокот кој се одржа на 16.06.2021 година, официјално ја основаа „Бизнис платформата КИФ-ЕУ“, форум кој обединува претставници на деловната заедница од Западен Балкан и Европската комисија, за да разговараат за предизвиците и можностите за приватниот сектор во регионот Таквиот дијалог ќе и помогне на деловната заедница подобро да ги разбере Европската унија, нејзините закони и политики, и ќе им помогне на компаниите од регионот подобро да се подготват за интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеjи посочи:

„Силно ја поддржуваме оваа иницијатива, која е важна за зајакнување на нашата стратешка соработка и ангажман со деловната заедница од Западен Балкан. Јас сметам на ваков редовен јавен приватен дијалог за да ги зголемиме позитивните ефекти кои Економскиот и инвестицискиот план ги носи за компаниите од регионот.“

Претседателот на Коморскиот инвестициски форум Марко Чадеж посочи:

„Ги повикуваме владите на Западен Балкан да ги забрзаат реформите и да се посветат на спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар, и уште еднаш ја потенцираме важноста и понатаму да се зајакнува дијалогот помеѓу деловната заедница од регионот и ЕУ.

Особено е важно за деловната заедница од Западен Балкан лесно да работи со Европската унија, паралелно со воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар и отстранувањето на пречките за регионалната економска соработка. Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на стопанските комори од регионот која што претставува повеќе од 350.000 компании, силно се залага за поблиски врски со ЕУ, преку проширување на Зелените ленти на ЕУ кон Западен Балкан, што ќе овозможи побрз проток на стоки низ големите гранични премини со земјите-членки на ЕУ. Ова треба да биде комплементарно со принципот на инклузивно проширување, што претставува прогресивно отворање на единствениот европски пазар за компании и производи од Западен Балкан, која се очекува да биде достапна во секторите усогласени со европските правила и стандарди и управувани од одржливи институции.

Со воспоставување на заедничка платформа за континуиран дијалог помеѓу деловната заедница на Западен Балкан и институциите на ЕУ, ние поставуваме терен за ефикасно решавање на сите прашања што се важни за водење бизнис, за локалните компании од Западен Балкан, како и за компании од ЕУ кои работат или планира да инвестираат во регионот “.

Претставниците на деловната заедница (членови на Бизнис совет на КОморскиот инвестициски форум, советодавно тело на Управниот одбор на КИФ, составено од 16 водечки компании кои работат во регионот на Западен Балкан) покренаа неколку важни прашања во врска со неискористените можности за деловните активности во регионот и ја повика ЕУ да работи на:

  • Олеснување на транспортот со цел да се обезбеди брз проток на стоки, елиминирање на прекумерното време на чекање на граничните премини меѓу Западен Балкан и ЕУ, преку приближување на регионот до подобро управувани граници и примена на one-stop-shop на граничните премини;
  • Обезбедување на поддршка за компаниите од регионот во спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан и поддршка на нивните напори за зазеленување на нивното работење, на пример, со воведување на подобрувања во енергетската ефикасност и проширена употреба на водород и биомаса;
  • Зголемување ја поддршката за трансфер на знаење и know-how од ЕУ во регионот, преку создавање на повеќе можности за партнерство, поддршка на иновациите, и активностите за истражување и развој кај компаниите од регионот, што ќе придонесе и за запирање на одливот на мозоци од регионот;
  • Обезбедување приоритет на прашањето за усвојување на ревидираните правила за потекло во Спогодбите за стабилизација и Асоцијација на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во пресрет на ревидирањето на Регионалната конвенција за пан-евро-медитерански преференцијални правила за потекло (Конвенција ПЕМ).

Деловната заедница од Западен Балкан во дискусија потенцираше колку е важно регионот да биде вклучен во спроведувањето на индустриската стратегија на ЕУ, како и стратегијата на ЕУ за МСП, за продлабочување на интеграцијата со синџирите на вредности на ЕУ.


 
Служба за информирање при Комората