Седница на Комисијата за ЈПП: Сите важни теми за стопанството се дискутираат директно со претставниците на стопанските комори
➢ Актуелно (28.05.2021, во 21:16:57)
👁 Прочитано: 307




Седница на Комисијата за ЈПП: Сите важни теми за стопанството се дискутираат директно со претставниците на стопанските комори

Вакцинацијата на вработените во реалниот сектор, мерењето на надворешната трговија кога станува збор за производи и услуги на ИКТ индустријата, Законот за субвенционирање придонеси при исплата на повисока плата до 6.000 денари, Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, поддршката на преработувачите на пченицата и  намалувањето или укинувањето на парафискални давачки и реформите во даночниот систем, беа темите на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватно партнерство.

Седницата се одржа во Владата, со неа копретседаваше вицепремиерот Фатмир Битиќи, а присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, заменик министерот за економија Зоран Маневски, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, како и претседателите и извршните директори на четирите најголеми стопански  комори, членки на Платформата за јавно-приватно партнерство: Стопанска комора на Северна Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на северозападна Македонија и МАСИТ.

Министерот за здравство Филипче информираше дека процесот на вакцинација се одвива непречено, вакцини има доволно за сите кои се пријавуваат за вакцинирање, а се работи на набавки на нови количини за процесот да се одвива непрекинато. Тој додаде дека многу брзо ќе пристигнат нови количини „Фајзер“ „Синовак“ и „Астра Зенека“, така што ќе се обезбеди континуиран процес на вакцинација за граѓаните во кои спаѓаат и вработените во компаниите членки на коморите.

Во однос на Законот за субвенционирање на придонесите во случај на исплата на повисока плата до 6.000 денари, Битиќи посочи дека аплицирањето на компаниите за добивање поддршка преку оваа мерка е многу едноставно и е направено да нема оптоварувања со дополнителни административни обврски. Компаниите ќе може да ги користат придобивките од законот до 31 октоври  2022 година. Преку овој Закон, донесен во 2019 година, беа стимулирани компаниите да ги задржат своите вработени и  да им ја зголемат платата, а притоа да немаат товар за зголемување на придонеси кон државата, што би бил дополнителен стимул за вработените. Заменикот министер за труд и социјална политика, Енвер Хусејин информираше дека за оваа мерка досега вкупно се исплатени 2 милијари и 880 милиони денари за вкупно досега 1.888.383 осигуреници. 

На средбата се истакна потребата да се воведат стандарди за мерењето на извозот и увозот на услуги по земји, при што се нагласи дека е од суштинско значење овие податоци да бидат јасно диверзифицирани од останатите, за да се усогласат домашните статистички истражувања со меѓународните стандарди.

На седницата се разговараше и за искористување на потенцијалот на обработливото државно земјиште, со цел постигнување поголем ефект од земјоделството, како една од клучните економски гранки, а стана збор и за изнаоѓање системски решенија за поддршка на преработувачите на пченицата, за да се стимулира и овој дел од преработувачката индустрија.

Присутните дискутираа и за процесот на укинување или намалување на парафискалните давачки кој е во тек, како и за идеи за одредени даночни реформи кои би се донесувале во широки консултации и со соработка со сите засегнати страни.

Состаноците на Комисијата за јавно-приватен дијалог се одвиваат редовно, најчесто еднаш во месецот, во последната недела од месецот, а на нив се дискутираат сите прашања и барања на коморите, како и активности кои се важни за подобрување на бизнис климата и побрз и одржлив економски развој.

 
Служба за информирање при Комората