НЕОПХОДНИ СЕ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ НАМЕНЕТИ ЗА ПОДДРШКА НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР
➢ Актуелно (26.04.2021, во 13:34:34)
👁 Прочитано: 199




НЕОПХОДНИ СЕ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ  НАМЕНЕТИ ЗА ПОДДРШКА НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР

Деловното опкружување, зголемените трошоци за репроматеријали, организацијата на работењето во новонастанатите услови со почитување на мерките и на препораките за заштита од вирусот, намалените капацитети на централната и на локалната администрација, намалувањето на интензитетот на објавување јавни набавки за градежни работи, како и предложените измени на Законот за работните односи, со кои се предвидува недела да биде неработен ден, предизвикаа градежните компании, иако со задоцнување, сериозно да ги почувствуваат последиците од здравствено-економската криза. Градежништвото во јануари 2021 година оствари реален годишен пад од 16,6 %, што е резултат на значителното намалување на извршените градежни работи кај високоградбата од 18,2 %, а кај нискоградбата од 14,9 % - беше истакнато на денешната прес-конференција на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението, истакна дека она што особено загрижува се зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири на снабдување, кои предизвикаа раст на цените на градежните материјали, со што се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на одредени проекти, особено на оние кои се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба. Тој информираше дека, како резултат на глобалните движења во индустријата, состојбата на снабдување со суровини за производство во моментов е многу тешка и некои суровини можат да се набават само по многу високи цени, поради што, иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ да ги амортизираат поскапувањата, неизбежно е зголемувањето на цените на одредени производи што се користат при градбата.

„Според нашата анализа, поскапувањата се движат и до 80 % кај челикот, до 40 % кај стиропорот, до 30 % кај производите од сувата градба, а ценовни поскапувања се забележуваат и кај другите градежни материјали (до 30 % за заштитни премачкувања и за течна хидроизолација, како и до 20 % за производи од битумен и за масла). Поскапувањата се проследени и со зголемување на времето на испорака кај речиси сите добавувачи, а, исто така, има и задоцнување на испораките и откажување на нарачките“, информираше Серафимовски.

Имајќи ги предвид овие ценовни поскапувања, надополнети со другите проблеми што ги носи пандемијата, очигледно е дека се созреани условите за креирање пакет мерки со кои ќе се ублажат негативните ефекти пред тие дополнително да се продлабочат, а Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали е подготвено да ги стави на располагање своите стручни капацитети и да ги презентира анализите со кои располага, со цел, во соработка со надлежните институции, да придонесе за креирање соодветни решенија за поддршка на компаниите.

Градежните компании искажуваат загриженост и за предложените решенија во Законот за работните односи со кои недела се предвидува како неработен ден и сметаат дека тие ќе имаат сериозни негативни последици врз градежната индустрија и врз реализацијата на капиталните проекти. 

„Мора да се земе предвид дека, за разлика од други дејности, извршувањето на работите во градежништвото е директно зависно од повеќе фактори, кои влијаат врз извршувањето на работите во овој сектор (временските услови, технологијата, роковите, спецификите на градежните материјали итн.). Поради ваквата природа на дејноста, градежништвото, особено активностите поврзани со реализација на големите капитални инвестиции и објекти од јавен интерес, не смее да трпи никакви ограничувања ниту со Законот за работните односи ниту со одделните закони“, заклучи Серафимовски.

Членките апелираат надлежните институции уште еднаш да ги преиспитаат предложените решенија и да остават можност градежните компании да ги организираат работните процеси во согласност со потребите за успешна реализација во договорените рокови, што подразбира недела да биде работен ден за градежништвото како стопанска гранка, секако, со доследно почитување на правата на работниците и со користење на правото на неделен одмор во другите денови од неделата, како што во моментов и е уредено со важечките прописи. 

Бројот на активни деловни субјекти во градежништвото во 2020 година изнесува 5.263 или 7,2 % од вкупниот број активни деловни субјекти, додека, пак, бројот на вработени изнесува 55.165 лица или 6,9 % од вкупниот број вработени на ниво на државата.
 

 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија