Тешка година за текстилната и за кожарската индустрија
➢ Актуелно (26.04.2021, во 09:04:17)
👁 Прочитано: 152




Тешка година за текстилната и за кожарската индустрија

Како резултат на пандемијата предизвикана од COVID 19 и на мерките преземени за спречување на неговото ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за текстилни производи и за облека, а, секако, сето тоа влијаеше за намалување на глобалното производство.
 Текстилната индустрија, индустријата за облека, е важен сегмент од македонската преработувачка индустрија, која во вкупното индустриско производство на државата учествува со 12,82 %, вработува над 37.000 работници и опфаќа околу 10 % од вкупниот извоз на земјава. Статистичките податоците покажуваат дека извозот на облека за 2020 година изнесувал 361,3 милиони евра и е намален за 16,7 % или, поточно, за 72 милиони евра во споредба со претходната година кога изнесувал 433,3 милиони евра, а истиот тренд на намалување продолжува и во првиот квартал од оваа година. Тоа е доказ дека има и огромно намалување на производството кај текстилните компании, што доведе до голем, негативен, економски ефект во поглед на намалената профитабилност и ликвидност на компаниите.
Моменталната ситуација, според проценките и според секојдневните контакти со овие компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите, кое би се движело помеѓу 40 и 50 % во однос на претходните години, а со самото тоа за исто толку би се намалиле и нарачките од странските партнери. Новиот бран на ширење на корона-вирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји доведоа до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со тоа и дополнителни проблеми за македонските текстилни компании.
„Карантинот во Германија и во другите земји на ЕУ, каде што извезуваат македонските компании од овој сектор, придонесе фирмите од овој сектор да останат без традиционалните нарачки. Магацините, трговските центри и бутиците се полни со стока, па за да се добијат нови нарачки за шиење  кошули, панталони и здолништа, ќе мора да се почека додека тамошните економии не заживеат и не се вратат во нормала, па во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии“, истакнува Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната и на кожарската индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија.
Според најавите и според проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и на производството, а  тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем, негативен, економски ефект во поглед на намалената профитабилност и ликвидност на компаниите. Голем дел од вработените во овие трудоинтензивни дејности може да бидат отпуштени ако ваквата ситуација продолжи и натаму, ако карантинот во земјите кои се наши најголеми трговски партнер продолжи и натаму и трае до крајот на јуни и ако нема финансиска поддршка од Владата за исплата на плати за наредните месеци април, мај и јуни.
Секако дека се неопходни и дополнителни економски и други релевантни мерки, кои ќе овозможат директна финансиска поддршка за овие трудоинтензивни индустриски сектори; поддршка за развој на конкурентноста; автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производствениот процес и набавка на нова опрема во согласност со промените на пазарот, со цел зачувување на работните места и опстојување на текстилните и на кожарските компании во наредниот период.
 

Сашо Деспотоски
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија