Одржан „онлајн“ семинар на тема: „НАПРЕДНИ ЕКСЕЛ ФУНКЦИИ ЗА АНАЛИЗА НА ПОДАТОЦИТЕ“
➢ Актуелно (21.04.2021, во 14:51:38)
👁 Прочитано: 166




Одржан „онлајн“ семинар  на тема: „НАПРЕДНИ ЕКСЕЛ ФУНКЦИИ ЗА АНАЛИЗА НА ПОДАТОЦИТЕ“

Напредните алатки на Ексел, како што се работа со правила, логички функции, IF, AND и OR функции, INDEX и MATCH функции, DATE функции, LOOKUP функции, DATABASE функции, работа со апсолутни и релативни референци, консолидација на податоците спаѓаат во најважните и најчесто користените алатки во деловното планирање, макро и микроекономската анализа и носењето на одлуки..  

Во свет во кој сме постојано опкружени со податоци, бројки, трендови и статистики, неопходно е да ги разбираме и да бидеме способни да ги користиме напредните ексел функции, бидејќи тие се дел од најважните алатки за носење на деловни одлуки.

Овој фокусиран и интензивен „онлајн“ семинар на учесниците им овозможи лесно да ги анализираат големите бази на податоци во Ексел, да ги средуваат нумеричките и текстуалните информации во Ексел, препознаваат ситуациите во кои примената на напредни Ексел алатки може да помогне во процесот на одлучување, да спроведуваат едноставна анализа во пракса користејќи MS Excel и да интерпретираат различни нумерички податоци прикажани во деловните извештаи или критички да пристапат во вреднувањето на статистичките податоци пред носењето на деловни одлуки

Беа опфатени консолидација на податоците, брзите формати за внесување на податоци во Ексел, користење на логички функции, кoристење на напредни IF функции, користење на правила и напредни правила како и работа со сите видови на графикони и нивно форматирање. Воедно, беа обработени и „живи“ примери со кој се објаснуваат опциите во Еxcel: INDEX & MATCH, Logical functions, 3D Functions, Design Charts, LOOKUP functions, VLOOKUP и други. Имајќи предвид, дека главна карактеристика на современото работење се брзите и непредвидливи промени поради што понекогаш е потребно да се направат повеќе варијанти на извештаи,  притоа имајќи ги предвид неколкуте можни алтернативни вредности на податоци, затоа на семинарот се обработи и областа за креирање на сценарија.

Предавач на семинарот беше проф.д-р Зоран Ивановски, редовен професор на Eкономскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, реномиран регионален експерт од областа на финансискиот менаџмент и предавач со долгогодишно искуство во земјата и во странство. Покрај универзитетската кариера, Ивановски е  предавач и на обуките за брокери и за инвестициски советници организирани од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија. Успешно раководи со првата бизнис клиника во нашата земја “Business Clinic DB”.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија