СО МАРКЕТИНГ-ТРИКОВИ КОИ ВЛИЈААТ ВРЗ ПСИХОЛОГИЈАТА НА КУПУВАЧИТЕ  ДО ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ВО РАБОТЕЊЕТО
➢ Актуелно (21.04.2021, во 14:49:55)
👁 Прочитано: 173



Одржан „онлајн“-семинар на тема: „Мarketing Mind Games – психологијата во маркетингот – совети и техники“
СО МАРКЕТИНГ-ТРИКОВИ КОИ ВЛИЈААТ ВРЗ ПСИХОЛОГИЈАТА НА КУПУВАЧИТЕ  ДО ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ВО РАБОТЕЊЕТО

Психологијата може да игра важна улога во процесот на донесување одлуки. Врвните маркетери добро го знаат тоа и знаат како да ги насочат своите активности кон зголемување на свесноста на потрошувачите за брендот, што докажува дека психологијата и маркетингот се одлична комбинација која носи резултати и која овозможува предвидување на реакциите на потрошувачите во однос на производите или на услугите што ги нудат тие на пазарот.

За таа цел, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Северна Македонија организираше интерактивен „онлајн“-семинар на тема „Мarketing Mind Games – психологијата во маркетингот – совети и техники“, чија цел е насочена кон јасно разбирање на публиката, нејзините интереси, потреби и стравови, што е од особено значење за креирање персонализирана содржина, која во денешно време се докажа како единствен начин да се оствари долгорочен однос со клиентите. Оттука, испитувањето на однесувањето на потрошувачите, нивниот процес на размислување и начинот на одлучување се наметнуваат како значајни сегменти во креирањето ефикасна маркетинг-стратегија.

Учесниците на семинарот имаа можност да се запознаат со современите пристапи за подобро препознавање и разбирање на целната публика, како и за приспособување на комуникацијата на нивните потреби и интереси, но и со докажани техники кои можат да придонесат за зголемување на интересот за интеракција со брендот и да доведат до крајната посакувана цел – остварување продажба.

Откривањето на елементот кој ги тера купувачите да се ангажираат во интеракцијата со рекламите и дознавањето на критичниот момент за носење одлука за купување беа клучните лекции кои ги имаше зацртано во својата агенда интерактивниот „онлајн“-семинар.

Предавач на денешниот семинар беше Ива Дујак, доктор на науки од областа на маркетингот со специјализација во областа на дигиталниот маркетинг, како и партнер и технички директор на маркетинг-агенцијата Brand Union, каде што е задолжена за стратешки развој и за комуникација на голем број локални интернационални брендови. Организатор е на Creative Talks Mk, со искуство во предавањето на тема маркетинг и дигитален маркетинг на Економскиот факултет – Скопје, Економски факултет – Прилеп, како и на голем број невладини организации и академии.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија