НАОДИ ОД АНАЛИЗАТА ЗА ПОТРЕБАТА ОД РАБОТНА СИЛА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР ЗА ПОТРЕБИТЕ НА КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (12.04.2021, во 14:41:58)
👁 Прочитано: 359




НАОДИ ОД АНАЛИЗАТА ЗА ПОТРЕБАТА ОД РАБОТНА СИЛА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР ЗА ПОТРЕБИТЕ НА КОМПАНИИТЕ

Стопанската комора на Северна Македонија на денешната виртуелна прес-конференција ја најави изработката на анализа за потребата од работна сила за обезбедување кадар за потребите на компаниите во петте плански региони, која е иницирана од потребата за развој на нови квалификации според барањата на реалниот сектор, односно приспособување на постојните во насока на задоволување на побарувачката на работна сила и на обезбедување економски развој на државата.

Според м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Северна Македонија, од 101.748 невработени лица кои се активни баратели околу 54 % се без образование или со основно образование, што укажува на неусогласеност со потребите на реалниот сектор, чии работни места бараат повисоко ниво на квалификации. Со цел подобро разбирање на состојбата на пазарот на трудот, како еден од приоритетите на Стопанската комора на Северна Македонија, која самостојно, но и во рамките на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ – Е4Е@мк, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка во Република Северна Македонија, е континуираното изработување сеопфатни анализи кои ги следат промените на пазарот на трудот и кои обезбедуваат релевантни показатели за потребите од квалификуван кадар со релевантни вештини и компетенции, за потенцијалните вработувања, како и за политиките на бизнис-секторот во однос на новите вработувања, преквалификациите и доквалификациите на постојниот кадар, изјави м-р Јаневска. 

Преку проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ во тек е спроведување нова анализа за потребите на Министерството за образование и наука, која треба да обезбеди релевантни показатели за моменталната и за идната побарувачка на вештини од работодавците во различни сектори на квалификации во петте плански региони: пелагониски, вардарски, скопски, источен и југоисточен регион, што претставува продолжување на претходната анализа за понудата и побарувачката на работна сила, изработена за другите три плански региони, истакна м-р Јаневска.

За сеопфатноста на анализата зборуваше и д-р Благица Новковска, национален експерт за проценка и за анализи на пазарот на трудот и на образованието, која нагласи дека анализата ќе помогне да се идентификуваат понудата и побарувачката на пазарот на трудот, но, исто така, ќе помогне и при идентификувањето на специфичностите на локално ниво. Во скопскиот регион, кој има најголем економски потенцијал, карактеристична е високата понуда, но и големата побарувачка на пазарот на трудот, а тоа ни зборува за неусогласеност на пазарот на трудот – реалниот сектор бара вештини кои на страната на понудата се дефицитарни. Во источниот регион имаме сосема различна слика – идентификуваме висока побарувачка од реалниот сектор, но недостига понуда, што се потврдува и со ниската стапка на невработеност. Ова нѐ наведува на размислување за тоа дали постои понуда на ваков кадар во другите региони, истакна д-р Новковска. Оваа анализа треба да потврди дали ваквите состојби или релативно доброто ниво на усогласеност на понудата и побарувачката е одржливо и на каков рок е одржливо. Како позитивен пример е специфичноста на југоисточниот регион каде што имаме високодинамична усогласеност, висока стапка на вработеност, односно ниска стапка на невработеност, што е веќе споредливо со податоците на европско ниво. Анализата ќе покаже дали ваквите состојби се одржливи и што треба да се направи во регионите каде што имаме подобра усогласеност на понудата и побарувачката за таа состојба да се задржи на подолг рок и да се идентификуваат спецификите што ги има секој регион, заклучи д-р Новковска.

Во реализацијата на анализата опфатен е бизнис-секторот преку учество на сите комори и релеватни чинители, за да се добие целосна слика, која ќе им даде можност на сите компании да ги усогласат бизнис-плановите на краток и на долг рок, во согласност со понудата на пазарот на трудот, истовремено давајќи можност креаторите на политиките навремено да преземат соодветни акции за креирање образовни програми за квалификации усогласени со барањата од реалниот сектор.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија