АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ ВО ТЕКСТИЛНАТА И ВО КОЖАРСКАТА ИНДУСТРИЈА
➢ Актуелно (15.03.2021)
👁 Прочитано: 1881




АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ ВО ТЕКСТИЛНАТА И ВО КОЖАРСКАТА ИНДУСТРИЈА

Како резултат на пандемијата предизвикана од COVID 19 и на мерките преземени за спречување на нејзиното ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за текстилни производи, облека и кожа, а, секако, сето тоа  влијаеше врз намалување на глобалното производство. Текстилната индустрија и индустријата за облека се важни сегменти на македонската преработувачка индустрија, кои во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82 %,  вработуваат над 37.000 работници и опфаќаат околу 10 % од вкупниот извоз на земјава, беше истакнато на прес-конференцијата на Стопанската комора на Северна Македонија (15.3.2021 година).

Индустриското производство на текстилот и на облеката во 2020 година е намалено за околу 14 % во однос на 2019 година. Исто е и со бројот на вработените во овие дејности, при што во јануари 2021 година имаме намалување од 5,4 % во однос на јануари 2020 година

Статистичките податоците покажуваат дека извозот на текстил, облека и на кожарски производи за 2020 година изнесувал 493 милиони евра и е намален за 10,6  % или поточно за 58 милиони евра во споредба со претходната година кога изнесувал 551 милиони евра. Самото тоа е доказ дека има и огромно намалување на  производството кај текстилните комапнии, што доведе до голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите.
Во изминатиот период домашните компании, на почетокот на пандемијата, делумно успеаја да ги намалат негативните влијанија од кризата со корона-вирусот и да го одржат бројот на вработените, при што намалувањето на нарачките во индустријата за облека, во делот на модните производи, беше компензирано со преориентирање на производството кон заштитни маски и кон друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка.

Моменталната ситуација, според проценките и според секојдневните контакти со текстилните компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, е дека за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите, кое би се движело од 40 % до 50 % во однос на претходните години, а со самото тоа за исто толку би се намалиле и нарачките од странските партнери. Новиот бран на ширење на корона-вирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји доведе до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со самото тоа и до дополнителни проблеми за македонските текстилни компании, истакна г. Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија.

Поради мерките за заштита од пандемијата кај најголемите трговски партнери на домашните компании и поради намалената потрошувачка на текстилни производи, во изминатиот период евидентна е тенденцијата на намалување и на откажување на налозите од странство, а со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави, првенствено на Германија, и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии. Според најавите и проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и на производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во однос на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите.

Затоа апелираме за што побргу носење на Законот за финансиска поддршка за плати на вработените од петтиот пакет антикризни мерки, сѐ со цел зачувување на работните места и опстојување на компаниите од овие дејности во наредниот период, нагласи Димитров.

Секако дека се неопходни и дополнителни економски и други релевантни мерки кои ќе овозможат директна финансиска поддршка за овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, како и за автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производствениот процес, но и за набавка на нова опрема во согласност со промените на пазарот.

Сашо Деспотоски
соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување