ОБРАЗЕЦ/ДОЗВОЛА за движење за време на полициски час
👁 Прочитано: 3678




ОБРАЗЕЦ/ДОЗВОЛА за движење за време на полициски час

01.06.2021 година
Се укинува носењето заштитна маска на отворено и други ограничувања
(
https://www.mchamber.mk/Default.aspx?mId=28&id=1000&lng=1)

Владата на Република Северна Македонија денеска ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на КОВИД-19.

Почнувајќи од денеска, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:
- Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори;
- Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители;
- Се укинува забраната за групирање на јавен простор;
- Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса;
- Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата;
- Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина; и
- Продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15.06.2021 година.

На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.

На денешната седница Владата го усвои Записникот од Тринаесеттата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19, со која се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризната состојба до 31 декември 2021 година.

 

18.05.2021

Од 71-та седница на Владата: На денешната седница, на препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе заклучок активните мерки за ограничување на движењето наместо до 18 мај, да продолжат со важност до 1 јуни 2021 година.
Повеќе на дадениот линк: https://www.mchamber.mk/Default.aspx?mId=28&id=995&lng=1

11.05.2021

Владата на денешната седница го одобри предлогот на Кризниот штаб од утре полицискиот час да се скрати и да трае од 24:00 до 04:00 часот.

Новите мерки важат од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.

Според новите мерки што беа предложени, полицискиот час ќе трае од 24:00 часот до 04:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници.

Ивентите и настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките односно од 15 на 20 деца.

 

04.05.2021

Владата на Република Северна Македонија на денешната 68-ма седница донесе одлука за измени и дополнувања за ограничување на движењето на граѓаните согласно која од 5 мај, среда, забраната за движење наместо од 21:00 часот, ќе започнува од 23:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наредниот ден.

Соодветно на овие измени угостителските објекти ќе бидат отворени за гости до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.

Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви SARS-CoV-2.


27.04.2021

На денешната 67 седница, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19.
 
Со овие измени и дополнувања од утре, 28 април, забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20:00 ќе важи од 21:00 до 5:00 часот наредниот ден.
 
Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови од 1 мај до 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, како и вечерта на 12 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
 
Почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот после што ќе бидат затворени за посетители.
 
Оние компании од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.
 
Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои ќе продолжат да работат како и до сега.
 
Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протокол за отворање и работа на кафетериите, Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД-19.
 
Почнувајќи од 28 април престанува да важи забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
 
Согласно препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Исклучок од оваа забрана се оние компании од овие дејности кои можат работата да ја организираат на отворено со примена на мерките за лична заштита.  Новите мерки важат до 15 мај.

 
 

 

11.03.2021
Владата ја дополни одлуката за забраната и посебен режим на движење за економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока

Владата на Република Северна Македонија денеска одржа кратка седница на која е донесен заклучок во однос на исклучоците кои се однесуваат на дозволите за време на забраната и посебен режим на движење за економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока, за кои ќе биде дозволено нивното движење доколку за стоката е издаден транспортен документ Т1 или ТИР карнет, или пак, извозен придружен документ ИПД.

На денешната седница е донесена и препорака за дообјаснување на делот од одлуката на Владата кој се однесува за дозволениот период за движење/транзитирање на транспортерите, со што се посочува дека за овие економски оператори важат претходно воспоставените правила, односно транзитниот период се определува од три до пет часа и го одредува граничниот службеник врз основа на изјавата на економскиот оператор за транзитирање низ земјата, од влезен граничен премин до излезен граничен премин.


10.03.2021

Владата на вчерашната седница донесе одлука со која се ограничува движењето во перидот од 22.00 – 05.00 часот наредниот ден од 10 – 22 март 2021 година.

По исклучок компаниите кои работат во смени ќе може да издадат дозвола за движење на своите вработени.

Дозволата за движењето на работникот во услови на воведен ограничено движење час ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена, од компаниите кои се регистрирани за работа во смени. Производствените капацитети и другите компании кои работат во ноќна смена во времетраење на ограниченото движење, потребно е образецот да го внесат на нивен меморандум, со потпис и печат од одговорното лице во правното лице.

Работодавачите кои имаат работници во ноќна смена и за тоа се регистрирани, должни се да го известат Државниот инспекторат за труд, во услови на работа за време на полицискиот час, Министерството за внатрешни работи и да ја испратат дозволата на  info_zpvrsm@gs.gov.mk.Согласно дополнително добиено известување од Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Ве информираме дека на електронската адресаinfo_zpvrsm@gs.gov.mk, не е потребно да се доставуваат сите дозволи кои ги издала компанијата, туку само преглед на лица на кои им се издадени дозволи, кој е потпишан, заведен и печатиран од овластено лице.


Допис за дозвола работа во смени и Т1 дозвола (превземи)
Образец Дозвола (превземи)


 

Повеќе информации на следниот линк.

 
 
 
Служба за информирање при Комората