ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ СО АПЕЛ ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УНИЈАТА НА ГРЧКИТЕ КОМОРИ МИХАЛОС И ДО ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ: НЕПРЕЧЕНИОТ ТРАНСПОРТ КОН СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ Е ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНСКОТО СТОПАНСТВО
➢ Актуелно (03.03.2021)
👁 Прочитано: 442




ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ СО АПЕЛ ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УНИЈАТА НА ГРЧКИТЕ КОМОРИ МИХАЛОС И ДО ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ: НЕПРЕЧЕНИОТ ТРАНСПОРТ КОН СОЛУНСКОТО ПРИСТАНИШТЕ Е ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНСКОТО СТОПАНСТВО

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со писма се обрати до претседателот на Унијата на грчките комори, Константинос Михалос, и до претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, со апел врвен приоритет да остане прашањето за обезбедување непречено движење на транспортните работници, независно од мерките што се воведуваат за спречување на ширењето на вирусот корона.

„Воведените мерки, кои од 1.3.2021 година се применуваат на граничниот премин ’Мала Богородица – Евзони’, значително го отежнуваат нормалното функционирање на македонското стопанство, имајќи во вид дека солунското пристаниште е една од главните транзитни дестинации за македонскиот извоз“, посочува Азески. За македонските компании солунското пристаниште има првостепено значење, како пристаниште кое е природен пат за пристигнување на стоката наменета за нашата земја и кое поради близината има пониски транспортни трошоци за превоз на стоките до Македонија во однос на другите пристаништа во соседните земји. Годишно, преку солунското пристаниште минуваат речиси 1 милион тони стока наменети за РСМ или од неа и транзитираат најмалку 25.000 контејнери изразени во TEU-единици.

Изминатите денови воведените мерки од грчките власти (кои вклучуваат: максимален проток на 400 лица дневно, бројка која ги вклучува и лицата кои транзитираат преку територијата на РСМ; скратување на работните часови од 7 до 19 часот, како и воведување задолжителна обврска за брзи тестови, вклучувајќи ги и возачите на камионите) доведоа до исклучително комплицирани ситуации и до големи одложувања во транспортот на стоки.

„Од исклучителна важност за стопанството од двете страни на границата е да се обезбедат услови за непречено одвивање на товарниот сообраќај“, апелира Азески во упатените дописи. Бројното ограничување на вкупниот број лица на кои им е дозволено да ја поминат границата на 400, во кое се вбројани и професионалните возачи, ќе значи целосно запирање на размената меѓу двете држави во следните 15 дена. Податоците од теренот укажуваат дека веќе се резервирани дневните ограничувања за влез во Грција речиси до крајот на март, што ќе предизвика несогледливи последици за нашите економии. Транспортот на стоки, како крвоток на секоја економија, не смее да запре и мора да се одвива во сите услови.

„Токму фактот што во внатрешноста на кабините возачите може да останат безбедни од ризикот на ширење на болеста и потребата да се гарантира непречен проток на стоки во исклучително тешките услови во кои функционира европската економија речиси цела година беа причина професионалните возачи уште од почетокот да добијат посебен третман од националните власти. За времетраење на пандемијата, почнувајќи од март 2020 година, професионалните возачи беа изземени од сите ограничувачки мерки и таков пристап треба да продолжи да се применува спрема оваа категорија и во иднина“, посочи Азески и упати повик до македонските власти, како и до грчките колеги, да се заложат кај грчките власти за што побрзо надминување на овој проблем и за обезбедување непречен проток на товарниот сообраќај.

 

 

Служба за информирање при Комората