НАЈЧЕСТИ ПРЕКРШОЦИ ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ
➢ Актуелно (23.02.2021)
👁 Прочитано: 429




НАЈЧЕСТИ ПРЕКРШОЦИ ОД ОБЛАСТА НА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ

Стопанската комора на Македонија, продолжувајќи ја традицијата на брзо и навремено информирање на деловните субјекти за сите важни потреби во нивното тековно работење на 23 февруари 2021 година, организираше еднодневна онлајн работилница на тема: „Најчести прекршоци во областа на работните односи и нивно избегнување при инспекциски надзор, одмори, воведување и регулирање на прекувремена работа, прераспределба и распоредување на работното време заради управување со работниот процес во вонредни околности, правила за користење на боледување“. 

Изминатиот период, одбележан од брзи регулативни и функционални промени, повеќе од било кога наметна потреба за ефикасно приспособување кон новите околности преку прецизно управување со работниот процес. 

Ваквата потреба, оправдано, за дел од субјкетите предизвика бројни дилеми во работењето. За истите комплетно да се надминат, оваа работилница се организираше со цел да се прегледаат дел од чекорите кои се поврзани со интерното функционирање на компаниите, а кои можат да се преземат во насока на адаптација на работниот процес.
Така, на работилницата, пред сé, се посочија областите од прекршочната сфера на кои особено мора да се внимава, со цел да се избегнат глоби при инспекциски надзор, при што се дискутираше за договорот за вработување како неопходен иницијален акт и сите поединости кои се врзани со него. 

Потоа, се анализираа прашањата за користење на одмори од страна на работниците, со посебен фокус на годишниот одмор.
Во поглед на управувањето со работењето преку менување на утврденото работно време, се разговараше за законските основи за воведување прекувремена работа, во насока на што, се посочија условите кои мора да се исполнети за воопшто да може да стане збор за прекувремена работа. Следно, се дискутираше за прераспределба и распоредување на работното време и се објаснија разликите помеѓу нив како и околностите под кои овие институти можат да се спроведат.
Конечно, како една од најактуелните теми, се разви и дискусија и по однос на боледувањето, и тоа почнувајќи од неговата законска уреденост, па сé до неговото значење и примена во време на КОВИД-19.

Предавачи на работилницата беа Викторија Спасовска - Симоноска, Адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право и Злате Стојановски, Државен советник при Државниот инспекторат за труд.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија