ВКЛУЧЕНОСТ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО КРЕИРАЊЕТО НА ОБРАЗОВНИТЕ ПРОГРАМИ ВО СРЕДНОТО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ 
➢ Актуелно (19.02.2021)
👁 Прочитано: 270




ВКЛУЧЕНОСТ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО КРЕИРАЊЕТО НА ОБРАЗОВНИТЕ ПРОГРАМИ ВО СРЕДНОТО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ 

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, продолжува социјалниот дијалог кој има за цел поголемо вклучување на бизнис заедницата во процесот на создавање на нови квалификации и образовни профили кои ќе одговараат на барањата и потребите на реалниот сектор, истовремено зголемувајќи ја атрактивноста на средните стручни училишта како генератор на квалитетен кадар.

За таа цел беа реализирани трибини во Струмица и Богданци, на кои учествуваа претставници од бизнис заедницата, средните стручни училишта и градоначалниците на општините Струмица, Радовиш, Богданци, Гевгелија и Валандово со цел беше презентирање на резултатите од спроведените анализи за потребите од образовни програми на локално ниво, како и поттикнување на вклученоста на приватниот сектор во креирањето на нови квалификациии согласно локалните потреби.

Во своето обраќање, премиерот Зоран Заев истакна дека Владата е сериозно посветена кон приближување на младите луѓе кон придобивките од стручното образование и потребите на инвеститорите од стручен кадар кој веднаш по средното образование влегува на пазарот на трудот како компетентни млади луѓе.

-Нашите средни стручни училишта во овој период се отворени заедно со компаниите и Центарот за стручно образование да креираат соодветни програми согласно потребите на компаниите, истакна Мила Царовска, министер за образование и наука. На тој начин, профилите кои ќе се отворат за запишување ќе бидат целосно усогласени со потребите на компаниите, изјави Царовска, додавајќи дека со стипендирањето на средното стручно образование, кое почна оваа учебна година, учениците дополнително се мотивираат да се запишат во стручните училишта.

За недостатокот на квалификуван стручен кадар кај компаниите апелираше и извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ.
- Речиси и да не постојат профили кои не се бараат на пазарот на труд. Околу 62 отсто од компаниите се засегнати со обезбедување на потребниот кадар. Компаниите мора да ги отворат вратите за учениците, за тие да можат таму да спроведуваат квалитетна практична работа, да ги научат работните процеси, за да може по завршување на образованието побрзо и поефикасно да се вклучат на работа, рече Пеева-Ѓуриќ, додавајќи дека тоа е плус и за компаниите зашто ќе имаат веќе подготвен кадар што може да го преземат.

Како главен поддржувач на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, Н.Е. Сибил Зутер Техада, Амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, истакна дека приватниот сектор игра важна улога во овој процес, зашто токму тој ја презема одговорноста да дефинира кои се вештините кои ги бара од своите идни вработени – сегашните средношколци. Затоа важни се, рече таа, ваквите настани на дијалог со приватниот сектор.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија