Обновливи извори на енергија за свет без емисија на C02
➢ Актуелно (15.02.2021)
👁 Прочитано: 744




Обновливи извори на енергија за свет без емисија на C02

Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Македонија денес, 15.2.2021 година, одржа прес-конференција за значењето на обновливите извори на енергија во Република Северна Македонија. Претседателот на Групацијата за обновливи извори на енергија истакна дека Групацијата при Стопанската комора на Македонија ги промовира и ги негува најдобрите практики за реализирање проекти што го зголемуваат производството на електрична енергија од обновливи извори. Исто така, се залага и за одржливо искористување на ресурсите и за реализација на проекти за заштита на животната средина. Во ситуација кога аерозагадувањето е сѐ поизразен проблем, се залага за замена на производството на електрична енергија од цврсти и од течни горива со производство на електрична енергија од обновливи извори.

Во Република Северна Македонија изградени и пуштени во употреба се две термоелектрични централи: ТЕЦ (јаглен) со инсталирана моќност од 824 MW; 1, ТЕЦ (мазут) со инсталирана моќност од 210 MW; 3 и ТЕЦ (гас) со инсталирана моќност од 286 MW; 8; хидроелектрични централи (ХЕЦ > 10 MW) со инсталирана моќност од 599 MW; 155; фотоволтаични електрични централи (ФВЕЦ) со инсталирана моќност од 34 MW; 103; мали хидроелектрични централи (МХЕЦ < 10 MW) со инсталирана моќност од 112 MW; 1; ветерна електрична централа (ВЕЦ) со инсталирана моќност од 36,8 MW; 3 и биогасни електрични централи со инсталирана моќност од 7 MW. Вкупно се изградени 276 електрични централи со вкупна инсталирана моќност од 2.069,21 MW. Од вкупниот инсталиран капацитет на извори за производство на електрична енергија, 64 % се необновливи извори, наспроти 34 % обновливи извори на енергија. Увозот на електрична енергија во 2020 година е 26 %, додека 74 % е од домашно производство. Во 2020 година Р С Македонија потроши  7 018 GWh  електрична енергија. Домашното производство за 2020  година е 5 164 GWh.

Придобивки од производството на електрична енергија од обновливи извори се:

  •     еколошки објекти со минимално влијание врз биодиверзитетот и со 0 емисија на C02;
  •     со моментално инсталираните електроцентрали со обновливи извори на енергија редукцијата на C02 во Р С Македонија е 418.204,00 тони;
  •     намален увоз на електрична енергија во Р С Македонија;
  •     намалување на загубите и подобрување на квалитетот на електричната енергија во дистрибутивниот систем;
  •     вработување на локалното население и можност за изградба на инфраструктурни објекти од уплатените средства од инвеститорот;
  •     задолжувањето на Р С Македонија при изградба на електрични централи е 0;
  •     силен позитивен ефект врз економијата;
  •     донации и др.    

Ако во Р С Македонија се изградат 200 мали хидроелектрани, вкупната инвестиција ќе биде 400 милиони евра:

  •         280 милиони евра за градежните фирми;
  •         приватни странски и домашни инвеститори (државата не се задолжува за изградба на ЕЦ);
  •         како еднократен надомест државата ќе земе повеќе од десет милиони евра;
  •         изградба на дистрибутивната мрежа;
  •         во Р С Македонија се произведуваат цевки и дел од електромашинската опрема;
  •         во Р С Македонија се проектираат МХЕЦ;
  •         два отсто од вкупниот приход за годишен концесиски надомест;
  •         еден отсто од вкупниот приход, во согласност со добиената дозвола за производство на ЕЕ од вода и
  •         од вкупната инвестиција во Р С Македонија најмалку ќе останат 350 милиони евра.


Групацијата за обновливи извори на енергија им е партнер на државата и на институциите кога станува збор за спроведување на регулативата. Се залага за доследно почитување на законите и на регулативите, како и за нивно унапредување. Групацијата има цел, во тесна заемна соработка со сите засегнати страни, да ја подигне свеста за важноста од вложување во производство на електрична енергија од обновливи извори, како и за позитивните ефекти од овие проекти врз животната средина и врз економијата. Се залага за што поголеми вложувања на средства во зачувување на животната околина, односно силно подржуваме и поттикнуваме активности и проекти за заштита и за унапредување на животната средина.

Групацијата и компаниите во нејзини рамки силно вложуваат и ќе вложуваат во проекти за општествена одговорност, за поддршка на заедницата и за граѓаните. За реализација на овие цели во следниот период ќе имаме уште поинтензивна соработка со институциите, НВО и со граѓаните, со крајна цел промоција на најдобрите практики во нашето работење и зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори. Сите заеднички да го поддржиме производството на електрична енергија од обновливи извори, пред сѐ, за доброто на државата и за иднината на нашите деца, за свет без емисија на C02 и на метан.

Перо Авакумовски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија