ПРОМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА - НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ ПО СТОПАНСТВОТО И БУЏЕТОТ
➢ Актуелно (08.02.2021)
👁 Прочитано: 353




ПРОМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА - НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ ПО СТОПАНСТВОТО И БУЏЕТОТ

Согласно најавата за почеток на процесот за подготовка, односно измена и дополнување на Законот за игрите на среќа, која е објавена на електронскиот национален регистер на прописи – ЕНЕР, групацијата на спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија, која претставува 90% од сите обложувалници во државата, иницира активен дијалог со надлежните државни институции со цел во директна комуникација да ги образложат предлози за закон по европски терк кој ќе гарантира безбедност на сите учесници во играта, поволна и фер бизнис клима и силен социо-економски придонес во земјата и вклучување на бизнис секторот во креирање на законската рамка како би придонеле кон бенефит за сите засегнати страни. Посочи Васко Илиевски, претставник на групацијата при Комората.

Членките на групацијата бараат стопирање на целиот процес на носење предлог закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог закон по европски терк како и транспарентна дискусија што и доликува на земја со европски аспирации.

Реакцијата не е за да се бара само корист во име на компаниите. Реакцијата денеска е да укажеме дека сме отворени да бидеме партнери на влада во креирање законски решенија кои ќе бидат во насока на заштита на граѓаните, но ќе дозволат и поттик на бизнисите кои се од исклучително големо значење, особено во услови на ваква светска криза чие завршување е сѐ уште неизвесно во насока на полнење и на државната каса.

На прес-конференцијата одржаната во Стопанската комора на Македонија беше посочено дека измените на законите секогаш треба да бидат проследени со сериозни пазарни анализи, за да не се случат големи негативни импликации во вкупната економија на државата, која и онака е силно погодена од Ковид-19 кризата.

Конкретно, по два основи сериозно се нарушува функционалноста на овие компании на пазарот чие учество во вкупната домашна економија има повеќекратен позитивен ефект.

Проблем за компаниите е што со измените се прави :

  1. Одалечување на деловните објекти на 500 метри од училишта и високообразовни институции и
  2. покачување на даноците.

Илиевски информира дека, предлогот за одалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив затоа што тој значи:

1.1. Целосно затворање на индустријата . Според направените анализите тоа би значело затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка, поради:

  • Густата населеност на поголемите градови и близината на училиштата помеѓу себе не става простор да има ни еден објект за игри на среќа во урбаните средини. Ова е особено изразено во помалите градови кои се состојат од една главна улица и неколку споредни.
  • Бројни студии укажуваат дека далечината нема никаква врска со навиките и дека не постои влијание на оддалеченоста на објектите врз порастот на учество на малолетниците во игрите на среќа.
  • Во однос на малолетниците, актуелниот Закон за игрите на среќа веќе ги има сите елементи на заштита на малолетници. Освен што истиот подразбира забрана за нивен влез во обложувалница, ни нам воопшто не ни е во интерес да имаме малолетници во обложувалница. Ние како Асоцијација дури сме подготвени да прифатиме и построга регулатива и повисоки казни за прекршување на законските одредби, но и да поддржиме професионални организации и поединци и развој на програми за едукација и превенција за одговорно приредување на игрите на среќа, по примерот на земјите од Европската Унија.

1.2. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа вели Илиевски. Работата на спортски обложувалници, врзува работа и на други дејности, кои индиректно зависат од нашата работа (индустрија за мебел за опремување на просториите, ИТ за софтверски и хардврески решенија, печатарска индустрија, хартија, принтери, електронска опрема (телевизори, екрани), одржување, потрошувачка на средства за одржување и хигиена, угостителска дејност, напитоци и сокови).

1.3. Носење на овој закон значи ризик за отворање на целосно илегален пазар на игри на среќа и диви обложувалници. Во моментов има целосно регулирана индустрија и со гордост може да кажам дека индустријата на игри на среќа работи законски, а правната регулатива е одлична. Оттука е нејасно, дали Владата сака од целосно регулиран пазар да направи нерегулиран бидејќи ефектот ќе биде токму тој. Со тоа се носат во ризик играчите, сигурноста на исплатите и на крајот безбедноста.

2. Што се однесува до втората најава, зголемување на даноците, претставникот на групацијата на спортски обложувалници истакнува дека во нашата земја индустријата на игрите на среќа плаќа највисоки даноци во Европа. Оттука зголемувањето на ионака, највисоките даноци во Европа кои и сега ги плаќаме, а со цел како што се наведува зголемување на средства во буџетот, воопшто не кореспондира со предлогот за оддалеченоста со кој се уништува дејноста.

Ако ние ставиме клуч на нашите објекти, вели Илиевски државата ќе ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, односно повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. За илустрација, давачките кон државата се ¼ директно преку плаќање на 23% посебна давачка и дополнително индиректно преку придонеси и даноци по сонов на плати, но и други даночни оптоварувања по други основи на работењето, со што достигнуваат и повеќе од половина од реализираниот приход во компаниите.

Согласно изнесените аргументи на прес-конференцијата беше посочено дека во целиот изминат период спортските обложувалници делуваат конструктивно и доставуваат предлози за унапредување на сите аспекти на работењето на индустријата и во интерес на сите чинители. Предлози се во насока:

  • Стабилни приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување;
  • поголема безбедност за играчите, - повисоки казни за прекршување на законските одредби, но и да поддржиме професионални организации и поединци и развој на програми за едукација и превенција за одговорно приредување на игрите на среќа, по примерот на земјите од Европската Унија.

Во услови на пандемијата спортските обложувалници покажаа и дека се одговорни и знаат и можат да работат согласно сите поставени протоколи и препораки. Се општествено одговорни иако цели два месеци заедно со уште неколку други дејности беа. Компаниите донираа опрема, средства, помош за болници, објекти на кои им беше потребна помошта.

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија