Претседателот на Асоцијацијата на странски компании Виктор Мизо на Топ Тема на Телма
➢ Актуелно (27.01.2021)
👁 Прочитано: 534




Претседателот на Асоцијацијата на странски компании Виктор Мизо на Топ Тема на Телма

Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори Виктор Мизо гостуваше во емисијата Топ тема на Телма заедно со Јован Деспотовски, директорот на ТИРЗ и Благица Петрески од Фајнанс Тинк.

Гостите во емисијата дискутираа за потенцијалите и стратегијата за привлекување на нови и задржување на постоечките странски инвеститори во земјава, за петтиот пакет антикризни мерки што го подготвува Владата, за ослободувањето од царини за одредени суровини и репроматеријали по барање на Асоцијацијата, а се наметна и прашањето дали владините економски потези ќе овозможат рестарт на економијата и одржлив раст во следниот период.

Виктор Мизо во емисијата го афирмираше ставот на Асоцијацијата во однос приоритетните прашања на странските инвеститори кои беа предмет на дискусија на состанокот со премиерот и владиниот економски тим, а се однесуваат за неколку области во делот на законска регулатива,  царински стапки, инфраструктура, даночни политики, работни односи, како и останати прашања во насока на подобрување на деловната клима за работа на странските инвеститори во земјава.

Во однос на висината на платите кои странските компании ги даваат на работниците, претседателот на Асоцијацијата истакна дека тие се  директно поврзани со продуктивноста и со актуелната состојба на пазарот на труд, а ние не треба да се гледаме како изолирана држава, туку да ги гледаме и конкурентите во однос на ова прашање.

„Ние треба да вложиме во обука на персонал. Но, истовремено треба да земете во обзир кој е менталитетот на нашиот народ. Мобилноста на работната сила кај нас е скоро непостоечка. Зборувам за миграција од град во друг град поради работа. Ние 15 до 20 години сме тапкале во место и сме имале деиндустријализација. “ вели Мизо.

Тој го поставува прашањето дали ние имаме квалификуван кадар за одредени позиции. Вели дека дел од кадрите треба да се обучуваат 6 месеци за да бидат подготвени за работа и дека мора да бидеме конкурентни за да имаме повисоки плати.

Во поглед на подобрување на условите за работа, неодамна, Владата донесе одлука за намалување на увозните давачки - царинските стапки на одделни производи и компоненти потребни за производство на технолошко напредни производи по барање на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, но како што истакна Мизо, Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство очекува и решавање на ова прашање со трајно решение, наместо со автономни мерки кои важат одреден период, се со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.

За членките на Асоцијацијата  од голема важност е зголемување на довербата на инвеститорите, отпочнување на нови инвестиции, поттикнување на извозот, зајакнување на човечкиот капитал,  а со тоа и подобрување на севкупниот економски раст во државата. 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија