Почнува програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ - Претседателот Пендаровски: „Крајна цел е дипломираните студенти да ги задржиме тука“
➢ Актуелно (25.01.2021)
👁 Прочитано: 644




Почнува програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ - Претседателот Пендаровски: „Крајна цел е дипломираните студенти да ги задржиме тука“

Претседателот Стево Пендаровски преку видео – врска се обрати пред учесниците на програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“, која официјално почнува денеска, а се одржува под негово покровителство

Претседателот Пендаровски порача дека се работи за млади луѓе кои ја заслужуваат и ќе ја оправдаат довербата, а на државата останува обврската да им овозможат услови на овие млади луѓе кои сакаат да останат во државата, да ја добијат првата шанса тука.

„Сакам да ги охрабрам во оваа прилика и сите останати кандидати кои аплицираа и покажаа интерес да бидат дел од програмата, да не се откажуваат и да ја искористат идната шанса, која ќе ја има наскоро. Континуираното учење и усовршување, стекнување на нови знаења, вештини и искуства е единствената гаранција за постигнување максимален успех. Интересот што сите вие го покажавте е доказ дека вашата желба за лично надградување е посилна од пандемијата со која се соочуваме“ – порача претседателот Пендаровски..

„Неспорен факт е дека младите се најголемиот капитал на секое општество. Затоа, наша заедничка должност, на државните институции, на образовните институции, но и на бизнис заедницата, е да вложуваме и инвестираме во креирање на амбиент во кој младите ќе имаат можност за своја реализација. Живееме во динамично време во кое светот се менува многу побрзо од порано. Како велат: денес, единствена константа се промените. Затоа е неопходно да градиме кадри кои ќе бидат подготвени за новите и брзи промени. Предуслов за тоа е да имаме систем кој ќе ги подготвува младите да решаваат проблеми, да креираат функционални политики и да менаџираат со состојбите, наместо да меморираат готови решенија, кои не можат да се применат затоа што најчесто немаат контакт со реалноста. Крајната цел на сите нас е дипломираните студенти да ги задржиме тука и заради тоа треба да дадеме предност на квалитетот и професионалноста над импровизацијата и полтронството. Само на тој начин ќе спречиме емиграција на квалитетни и способни кадри“ – истакна во своето обраќање претседателот Пендаровски.

Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Во неа учествуваат дваесет млади луѓе и осум компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите лица да имаат можност да стекнат нови, практични знаења. Во наредните два месеца програмата предвидува обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на компаниите.

Во рамки на имплементација на проектот  се вклучени 8 компании – членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија АД, Комфи Ангел, Ван Хоол Македонија, Кемет Електроникс Македонија, ЕОС Матрикс Македонија, Филип Морис ТКП, Рамстор Македонија и Макстил АД Скопје.

На денешниот вебинар и во наредните два месеца ќе се одвиваат обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на компаниите.

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија