НОВИОТ ЗАКОН ЗА ГРАДЕЊЕ ВО ФОКУСОТ НА ВНИМАНИЕТО НА БИЗНИС СЕКТОРОТ
➢ Актуелно (25.01.2021)
👁 Прочитано: 441




НОВИОТ ЗАКОН ЗА ГРАДЕЊЕ ВО ФОКУСОТ НА  ВНИМАНИЕТО НА БИЗНИС СЕКТОРОТ

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на седницата одржана на 25.1.2021 година го дефинираше Планот на активности за тековната година и ги разгледа иницијативите и предлозите за ревидирање на правната регулатива од областа на градежниот сектор, кои во изминатиот период беа доставени од страна на Министерството за транспорт и врски, Комората на овластени архитекти и инженери и други засегнати страни.

Оваа година фокусот на активностите ќе биде ставен на новиот Закон за градење и Правилникот за класификација на градбите, кои градежниците очекуваат да бидат донесени во консултација со бизнис – заедницата, да стават ред во струката, да бидат едноставни и лесно применливи за правниците и компаниите, да овоможат соодветна категоризација на градбите водејќи сметка за нивната комплексност и да придонесат за јакнење на квалитетот и ефикасноста на објектите. 

Во таа насока, Здружението изрази подготвеност да ги стави на располагање правните и инженерските капацитети со кои располага, со цел формирање на работна група која детално ќе ги разгледува предложените правни акти и ќе даде конструктивен придонес при нивната подготовка преку изготвување на конкретни предлози кои подоцна ќе бидат презентирани пред ресорното министерство и институциите. Компаниите оценија дека претстојните активности поврзани со правната регулатива се можност да се надминат проблемите од минатото и да се подобрат состојбите во секторот, поради што истите се од приоритено значење за градежниот сектор и фелата.

На седницата беше усвоен и Извештајот за активности на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во 2020 година во однос на што беше посочено дека Здружението го одржа континуитетот во работењето и вложи максимални напори да одговори на сите прашања и проблеми со кои се соочуваа деловните субјекти во текот на изминатата година која ја одбележа пандемијата на КОВИД-19 и која беше особено тешка од здравствен и од економски аспект не само за градежништвото, туку и за целиот јавен и приватен сектор. 

Поради здравствената состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот седницата се одржа on–line, со користење на WebEx cisco платформата. 
 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија