ПАМЕТНИТЕ МУДРУВААТ, ХРАБРИТЕ ДЕЈСТВУВААТ
👁 Прочитано: 484




ПАМЕТНИТЕ МУДРУВААТ, ХРАБРИТЕ ДЕЈСТВУВААТ

Изминуваат првите денови од 2021 година проследени со продолжение на здравствено-економската криза, но со надеж дека оваа година ќе ја надминеме здравствената криза и ќе ги реализираме неостварените планови од 2020 година. Надежта за реализација на неостварени планови беше причината да се навратам на трите основни столба во работењето на Комората во функција на своите членки:

1. Основен двигател на вмрежувањето со релевантни партнери на сите нивоа во интерес на своите членки;

2. Консултант за потребите на членките, посебно за двата сектора индустрија и извоз и

3. Мост помеѓу образованието и потребите на реалниот сектор.

Тргнувајќи од фактот за важната функција на образованието, чии последици можат да се почувствуваат во сите пори на општественото и економско живеење значајна е улогата на Стопанската комора на Македонија како мост помеѓу образованието и потребите на реалниот сектор во обезбедувањето на стручен кадар. Стручен кадар значи подигање на продуктивноста во работењето и зголемување на ликвидноста на компаниите што придонесува за економски раст и развој, конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар и вмрежување со релевантни партнери. Но реалноста укажува дека реалниот сектор се соочува со недостиг на стручен кадар, и покрај високата стапка на невработеност.

Согледувајќи ја реалноста ние како Комора не мудрувавме, туку дејствувавме. Во рамките на своето функционирање, приоритетно беше прашањето за системски промени во образованието, нудеше предлог мерки и решенија за подобрување на состојбите во образованието и преземаше низа активности. На што укажуваше Комората во изминативе две години?

Прво, да се идентификува визијата на образованието која ќе ги следи политиките за економски раст на земјата и подготовка на стратегија со точна цел-каде ќе се движи образованието во наредните 10 години со прецизирање на улогите на сите чинители;

Второ, да се обезбеди стабилен и одржлив систем на финансирање и зголемување на јавните трошоци за образование - околу 5% од БДП;

Трето, да се обезбеди функционално стручно образование и системски да се уреди дуалното образование со фокус на зајакнување на стручните и транферзалните вештини и креирање на образовни програми за потребите нареалниот сектор;

Четврто, да се хармонизира законската регулатива во областа на образованието што ја ограничува флексибилноста на образованието;

Петто, да се измени уписната политика која мора да ги следи потребите од квалификации на реалниот сектор и да се направи рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта;

Шесто, да се подигне нивото на квалитет на реализација на практичната обука на учениците во компаниите која треба да биде синергија помеѓу училиштето, ученикот, компаниите и коморите и

Седмо, да се воспостави систем за кариерно советување уште во основно образование за насочување на учениците кон образование според нивните можности, амбиции и талент.

П.С. Од предложените иницијативи на Стопанската комора на Македонија, системот за кариерно советување беше ставен во новиот Закон за основното образование; заеднички со образовните институции се работи на поттикнување на компаниите за прием на ученици за реализација на практична обука и подигање на квалитетот на практичната обука; интензивно се работи на новиот Закон за стручно образование и обука во кој системски ќе се уреди и дуалното образование, а стручното образование ќе го направи да биде пофункционално. Истовремено се хармонизираат законите од областа на образованието.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија