Колапс на туризмот и угостителството во 2020-та, компаниите бараат специјални мерки за спас и задржување на вработените
➢ Актуелно (04.01.2021)
👁 Прочитано: 148


објавен став на МИА.мк (31.12.2020)
Колапс на туризмот и угостителството во 2020-та, компаниите бараат специјални мерки за спас и задржување на вработените

Изминатава 2020 година ќе заврши со преку 70 проценти пад на прометот во туризмот и угостителството. Компаниите бараат посебни мерки за поддршка од државата за да опстанат и да ги задржат вработените.

Затворањето на границите на земјите во светот изминатите месеци целосно ги стопира туристичките патувања, деловни туристи речиси немаше, немаше ниту конференции, семинари и работилници.

Статистиката е немилосрдна. Покажува вкупно 414.824 туристи заклучно со октомври 2020 што е намалување за 60,8 проценти во споредба со истиот период лани или пад од 84,2 отсто на бројот странски туристи. Слични се бројките и кај ноќевањата. Од јануари до октомври реализирани се 1.589.009 што е намалување за 47,2 отсто или пад за 84,1 процент кај странските туристи.

– Имајќи предвид дека последните два месеца е активен вториот бран рестрикции и ограничувања на функционирањето на угостителските објекти и патувањата, за очекување е дека и статистиката за последното тримесечје ќе биде со огромен пад по сите параметри. Всушност, 2020-та е дефинитивно година на целосен крах во оваа дејност, вели за МИА Даниела Василевска Михајловска, самостоен советник во  Стопанската комора на Македонија.

Падот во туризмот е уште понегативен и поразителен ако се споредува периодот март – октомври 2020 со истиот период лани.

– Сепак, податоците од официјалната статистика покажуваат дека владините мерки пред се, во делот на издавање на ваучерите за одредена категорија граѓани како поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, дадоа резултат во туристичките центри особено во летната сезона, истакнува Василевска Михајловска.

Според неа, ако се анализира индексот на прометот на услугите во второто и третото тромесечје согласно официјалните статистички податоци, ќе се забележи дека кај туристичките агенции има пад од 99 отсто во второто и речиси 88 проценти во третото тримесечје. Кај угостителските објекти, огромен пад има кај хотелите и останатите објекти за ноќевање од 88 проценти во второто, односно 54,3 отсто во третото тримесечје. Статистиката покажува дека прометот во ресторанското работење и останатите објекти за подготовка на оброци и служење храна бележи пад од 75 отсто во второто и 29,5 проценти во третото тримесечје.

-Туризмот и угостителството се дејности кои на краток рок брзо по завршување на кризата може да дадат позитивни резултати за вкупната економија на државата. За таа цел, покрај интервентните мерки за поддршка, потребни се системски решенија за поголема извозна активност во овие два сегмента, потенцира Василевска Михајловска.

Клучното барање на Здружението е да се воведат специјални мерки и еднократна неповратна помош за компаниите од угостителството и туризмот кои не беа во можност да аплицираат за досегашните мерки за плата.

– Со четирите антикризни пакети се амортизираше значаен дел од загубата и негативните ефекти, но дел од компаниите, пред сѐ, во градските средини, не беа опфатени можеби со клучната мерка, ваучер-системот, кој ги дислоцираше градските хотели во градовите кои не се туристички центри. Ако се земе предвид фактот дека дел од хотелиерите и туристичките агенции поради немањето работа останаа со намален број вработени и не успеаја да ги исполнат критериумите за добивање средства по основ на ова законско решение, повеќе од јасно е дека за овој сектор се потребни специјални мерки со цел поддршка на компаниите за задржување и на вработените и на стабилноста на деловните субјекти. Очекуваме овие напори да наидат на поддршка бидејќи помошта ќе овозможи зачувување на колку може повеќе работни места во овој псобено тежок период кој следува, објаснува Василевска Михајловска.

Бизнис-секторот укажува дека поддршка од Владата е потребна не за да се заработи, туку исклучиво и единствено компаниите од секторот да не пропаднат, бидејќи тие и сега, во услови кога речиси и не работат и кога немаат деловна активност, држат дел од вработените, а еден дел остануваат без работа. На овој начин е доведена во прашање пазарната позиција на земјава како туристичка дестинација на меѓународниот пазар.

-Она што е извесно е дека секторот туризам и угостителство многу брзо може да даде позитивни резултати по завршување на кризата, со отворање на границите и анкетите што во светски рамки се прават за интересот на луѓето за патување, но сепак фактот дека корона вирусот трае, а вакцинирањето е процес кој нема да заврши брзо, остава простор и можност негативните ефекти да се чувствуваат уште одреден период и во 2021 година. За таа цел, потребно е овој сектор како посебно погоден од светската пандемијата да биде поддржан и во периодот што следи, со цел да се одржи кондицијата на компаниите, да се задржат работниците на работа, агресивна промотивна кампања на дестинација, поддршка на ПЦР тестови за странски туристи а со тоа и атрактивноста дестинацијата Северна Македонија пред потенцијалните странки туристи, заклучува Даниела Михајловска Василевска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.

 

Служба за информирање при Комората