Потпишан меморандум за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите
➢ Актуелно (24.12.2020)
👁 Прочитано: 928




Потпишан меморандум за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите

Во просториите на МАНУ, на 24 декември 2020 година, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија и академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции, со што ги формализира планираните цели од заеднички интерес.

Воспоставувањето ваков тип соработка меѓу МАНУ и Стопанската комора на Македонија е значајно за македонското општество имајќи ги предвид нивните улоги во него. МАНУ, како врвна институција на науките и на уметностите во нашата земја, повеќе од половина век, има реализирано голем број значајни национални и меѓународни проекти, како резултат на богатата научноистражувачка работа и уметничко творештво, публикувани како посебни изданија на МАНУ или како статии во реномирани светски списанија. Стопанската комора на Македонија, со  98-годишната историја на коморско работење, е доминантна институција во земјава во поглед на коморското здружување на бизнис-секторот, при што половина од вкупниот приход и половина од нето-добивката на приватниот сектор на македонската економија се остварени од нејзините компании членки, кои го вработуваат секој трет вработен во приватниот сектор во земјава.

Меморандумот за соработка ќе овозможи научна, техничка и апликативна соработка меѓу двете институции за остварување на заедничките цели во областите што се од заеднички интерес. Тоа, меѓу другото, значи и координирање, организирање и вршење анализи и научни истражувања, чии резултати би се примениле за унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и на конкурентноста и за промовирање добри бизнис-практики. Со тоа би се креирале поволни услови за водење бизнис, поттикнување на економскиот раст и стабилно и предвидливо бизнис-опкружување. Соработката меѓу науката и индустријата преку заеднички проекти и други иницијативи, на национално и на меѓународно ниво, ќе даде поттик за иновации и за нови технологии во насока на побрз и одржлив економски раст и развој.

Со Меморандумот за соработка се предвидуваат и заеднички активности меѓу МАНУ и Стопанската комора на Македонија во областа на неформалната едукација на компаниите и унапредување на менаџерското и на организациското знаење во вид на обуки и други едукативни настани, во организација и во реализација на Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија. Со него е предвидена и можност за други активности од заеднички интерес, како што се организација и одржување конференции, семинари, тркалезни маси, работилници, виртуелни настани и сл.

Во согласност со Меморандумот, се предвидува, во претстојниот период, да се одржуваат работни средби со редовна динамика заради создавање посилна македонска економија. 

 

м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија