III. ЕУ преговори – што добиваме со отпочнување на преговорите, а што губиме ако не отпочнеме со преговорите
👁 Прочитано: 895



III. ЕУ преговори – што добиваме со отпочнување на преговорите, а што губиме ако не отпочнеме со преговорите

Отпочнувањето на преговори за да се стане дел од Европското семејство за Македонија не значи само усогласување на европското законодавство, туку и имлементација и примена на истото. Фактот што самото отпочнување на преговорите значи дефинирање на рамка со зацртани рокови по која ќе се водат преговорите по оделните кластери или поглавја (под будното око на Европската комисија) ќе биде стимул за сите нас, за институциите и останатите чинители да се насочиме кон имплементација и примена на истите што ќе значи и видливо подобрување во сите сегменти преку бројни промени и прилагодувања на европските стандарди, но и на европскиот квалитет на живот.

Иако преговарачкиот процес станува се посложен и покомплициран, со новата Методологија е значително изменет од претходно и преговорите стануваат силно политички, покредибилни, динамизирани и условени од аспект дека секој од шесте кластери фактички остануваат отворени ( односно привремено се затвараат)  се’ до комплетното завршување на преговорите односно тоа значи дека во континуитет треба да се покажуваат резултати за имплементација на регулативите и резултатите и нема да може да се импровизира. Дополнително позитивен факт е дека со отварање на секој од кластерите ќе се отвараат и делови од ЕУ фондови кој во моментот не и се достапни на Македонија, како што се структурните и кохезионите фондови. Ова досега не беше случај со другите земји кои се веќе во преговори.

Од аспект на економските поглавја односно кластери со самите преговори за почеток доволно е да се покрене свеста за тоа што всушност значи да се биде дел од единствениот европски пазар како и за влијанието кое пристапувањето го има за економскиот раст, креирањето нови работни места, подобрување на конкурентноста на претпријатијата, нивото на инвестиции и др. Оттука многу е важно вклучување на коморите во овој процес пред се затоа што секоја промена ќе значи и примена од страна на компаниите и за да се обезбеди транспарентност односно да се олесни примената (која не секогаш ќе биде лесна и ќе бара драстични промени во работењето на бизнисите) коморите ќе мора да бидат вклучени и во самиот преговарачки процес кога се моделираат промените.

Секако сите економски промени кои следат иако не се лесни треба да се гледаат и од позитивен аспект а тоа значи подигање на конкурентноста, зајакнување на можностите за воведување на нови технологии, воведување на стандарди како при самото работење така и на самите производи, поголеми можности за соработка, поголеми инвестиции како странски така и од страна на домашните компании, поголем пристап до фондови за самите компании итн. Влегувајќи во процесот на преговори со Европската комисија, и македонските компании и институции ќе бидат обврзани да инвестираат во нови технологии, да се применува енергетската ефикасност во градби, да се поттикне рециклирањето на материјали со цел да се намали загадувањето и да се зајакне зелената економија.

Мое лично убедување е дека преговарачкиот процес ќе донесе бројни позитивни промени како во економијата така и во другите свери ( правосудсво, владеење на право, животна средина, институции) кои промени сметам дека неможат да се постигнат без ставање во некава рамка и доследно спроведување (што ќе биде следено континуирано од Европската комисија)

Имајќи ја предвид општата рамка на Новата пристапна методологија за членство во ЕУ која доби кластерски пристап значително повеќе од претходно се потенцира улогата на правосудниот систем кој треба да изгради капацитет да ја имплементира  европската легислатива во сите други подрачја која пак ќе има влијании на сите полиња вклучувајки го и  економското. Поглавјата во овој дел ќе останат отворени до самиот крај, а први се отвараат што ќе значи дека во континуитет ќе има потреба од  институционално зајакнување во борбата против корупцијата и консолидација на институциите и нивното доследно спроведување.  

Одредниците коишто ги покриваат поглавјата од економија се однесуваат на критериумот на функционална пазарна економија. Дополнително Европската комисија, а сега и земјите членки, ќе воведат нови индикатори преку коишто ќе го мерат прогресот и ќе има еден позасилен двонасочен комуникациски канал во иднина.

Не-отпочнувањето преговори за нас ќе значи продолжување со досегашните практики на недоследно имплеметирање на законските регулативи, популистичка примена на истите, немање визија и стратегија како и каде треба да се движи македонската економија, продолжување со не владеење на правото, корупција итн.

Она што е важно е да се донесат европските вредности и критериуми без или со процес на преговарање. За да ги донесеме европските вредности дома треба да се има силна волја, доследна примена на зацртаните стратегии и мерки, јака администрација и тимови кои доследно ќе се борат да ги донесат европските вредности и критериуми во реалните текови на функционирање на државатa.

Затоа, несомнено е  дека отпочнувањето на преговорите со ЕУ ќе значи и напредок во сите сфери на живеење, промени кои значително ќе допринесат и за подобра и функционална пазарна економија, владеење на правото, подобра инфраструктура, поголеми инвестиции и подобар животен стандард.

 

ЗАКЛУЧОК:

Со самото отпочнување на преговори и со самото членство  Република Северна Македонија и нејзините граѓаните ќе се соочат со значајни предизвици, но и со големи можности. Многу од нив ќе се почуствуваат уште за времетраењето на преговорите што во голема мера ќе зависи од самите нас колку тие можности ќе успееме да ги претвориме во придобивки.

Членството во ЕУ исто така значи и слободен пристап до заедничкиот пазар што значи дека македонските компании ќе можат без никакви препреки да ѓи пласираат своите производи на големиот заеднички пазар на Европската Унија. Предизвик ќе биде прилагодувањето на домашните компании на пазар поголем од 500 милиони потрошувачи.
Со усогласување на македонското со европското законодавство во областа на економијата ќе се создадат економски услови што ќе им овозможат на домашните компании да станат поконкурентни. Законодавната усогласеност исто така ја зголемува правната сигурност како неопходен предуслов за успех на деловните активности и за зголемени инвестиции.

Пристапот до европските фондови ќе овозможи полесен пристап до финасии за македонските компании за инвестирање во нови технологии, имплементација на европските стандарди, зголемување на конкурентноста и иновативноста, пред се затоа што структурните и кохезионите фондови за равој на компаниите ќе бидат достапни, но предзвик е во периодот кој следи компаниите да се подготват за искористување на овие фондови.

Дилемата дали да се биде трпелив и да се надминат сите предизвици на блокади и пречки за отпочнување на преговори на пат кон членство во ЕУ на Република Северна Македонија или да се продолжи со досегашните практики на недоследно имплеметирање на законските регулативи, популистичка примена на истите, немање визија и стратегија како и каде треба да се движи македонската економија, продолжување со не владеење на правото, корупција и нефункционирање на институциите е несомнено во насока на дефинитивно отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.

Она што е важно е да се донесат европските вредности и критериуми без или со процес на преговарање. За да ги донесеме европските вредности дома треба да се има силна волја, доследна примена на зацртаните стратегии и мерки, јака администрација и тимови кои доследно ќе се борат да ги донесат европските вредности и критериуми во реалните текови на функционирање на државатa.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија