СО АНАЛИТИЧКИ ВЕШТИНИ ДО ПОДОБРО КРЕИРАЊЕ ДЕЛОВНИ ОДЛУКИ
➢ Актуелно (04.12.2020)
👁 Прочитано: 407



ЧИТАЊЕ ПОДАТОЦИ И ПОСТАВУВАЊЕ ФИЛТРИ ПРЕКУ GOOGLE ANALYTICS
СО АНАЛИТИЧКИ ВЕШТИНИ ДО ПОДОБРО КРЕИРАЊЕ ДЕЛОВНИ ОДЛУКИ

Потребата од следење на навиките, барањата и на потребите на клиентите се наметна како исклучително важнa, во насока на определување на следните чекори во работењето на еден бизнис. Од особено значење е препознавањето на однесувањето и на преференциите на клиентите, кое води во насока на креирање производи или услуги по мерка на потрошувачите.

За таа цел, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси организираше „онлајн“-семинар на тема „Читање податоци и поставување филтри преку Google analytics“, кој опфати теоретски и практични совети за тоа како компаниите, чиј бизнис се сведува на една веб-страница, да ги читаат, да ги мерат и да ги споредуваат резултатите, сѐ со цел да придонесат повеќе во некоја нова иновативна стратегија. Семинарот ги опфати темите за основите на платформата Google Analytics, како и за нејзините алатки и можности за маневрирање низ теоретски и низ практични примери. 

Google Analytics претставува аналитички веб-сервис кој го следи и го евидентира сообраќајот на веб-страниците. Овој сервис овозможува следење на активностите, како на пример времетраење на сесија; детали за посетителот, како што се географска локација, јазик, веб-прелистувач; дали корисникот пристапува од компјутер или од мобилен уред, како и податоци за тоа колкупати повторно се посетува ист сегмент од страницата, како што е на пример информација за производи, услуги и сл.

Податоците кои Google Analytics ги генерира за даден временски период им овозможуваат на компаниите да добијат појасна слика за своите активности од доменот на дигиталниот маркетинг, да откријат на што се должат зголемените посети на сајтот или, пак, навремено да дијагностицираат кои производи, услуги или функции на веб-сајтот се најмалку посетувани. Овие податоци овозможуваат преземање корективна акција, со цел задржување на вниманието на клиентите и пласирање на производите и на услугите кои одговараат на барањата и на потребите на компаниите.

Предавач на денешната обука беше Сара Стојковска, Marketing Data Analyst во Vrootok, која наедно е и експерт за Google Analytics и сертифициран DMI-предавач со долгогодишно искуство во неколку компании, во соработка со клиенти од различни индустрии.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија