KOJ Е ГЛАВНИОТ ПРЕДИЗВИК ВО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ?
👁 Прочитано: 851




KOJ Е ГЛАВНИОТ ПРЕДИЗВИК ВО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ?

Живееме во време на нагласени здравствени и економски турбуленции, проследени со кризи кои тешко се предвидуваат, и илузорно е да се очекува дека нашата земја ќе помине без последици. Земјата се соочува со сериозни последици во економијата, но и со предизвици во поглед на вработувањето, задржувањето на работната сила и на потребата од нови вештини и квалификации како резултат на новите промени. Според брзата проценка на влијанијата на пандемијата со корона-вирусот врз вработувањето и на политиките за намалување на влијанијата, направена од Меѓународната организација на трудот, намалувањето на работното време, т.е. на работните часови во текот на вториот квартал од 2020 година, е еднакво на загуба од 85.550 работни места со полно работно време, што кореспондира со приближно 11 % од работоспособното население. Економијата, во новото време, својата продуктивност и конкурентност ја бара во практичното знаење, во новите стручни вештини за приспособување на работењето, во дигиталната технологија и во иновациите.

Во екот на пандемијата, кога се осмислуваат мерките за намалување на последиците од кризата, може да се заклучи дека сегашната состојба ја карактеризира интелектуализацијата на професијата и трудот, а одговорот на прашањето кој е главниот предизвик во системот на стручно образование и обука е веќе познат – да се обезбедат вештините и квалификациите што ги бараат работодавачите. Тоа значи дека фокусот на стекнување стручни знаења и развивање практични вештини и компетенции од училницата треба да се помести врз компаниите, а тоа неминовно условува поголема соработка меѓу образованието и работодавачите и зголемување на обемот и на квалитетот на реализација на практичната обука. Со право може да се каже дека учењето и практичната обука не смеат да се сметаат за два различни и посебни ентитета. Учењето треба да ја надополнува практичната обука, а праксата да го потврдува учењето. Истовремено, системот на образование и обука треба да испорача вистинска комбинација на вештини, вклучувајќи дигитални и трансверзални клучни компетенции потребни за работните процеси.

Ефектот од практичната работа, без исклучок, е видлив ако обуката, редовно и квалитетно, се изведува кај работодавачот. Реално гледано, учењето преку работа и феријалната пракса се значајни форми за реализација на практичната обука и можност учениците да вршат определена реална работа во реална работна средина, да ги развиваат своите вештини и да стекнат работно искуство.

Требаше огромна доза на зрелост и на посветеност на национално ниво и поддршка од меѓународни институции, како на пример од Европската фондација за обука (ЕТФ) и од Швајцарската агенција за развој и за соработка (СДЦ), преку проектот „Образование за вработување“ да се подготви документ наречен Концепт на учење преку работа, во кој се уредија спецификите на учењето преку работа и се дадоа општи информации за стручното образование и обука во контекст на учењето преку работа, за клучните актери, за клучните елементи на учењето преку работа и за натамошните чекори за успешна реализација, а не импровизација.

Паралелно со овој документ, во рамки на проектот „Образование за вработување“,  поддржан од Швајцарската агенција за развој и за соработка (СДЦ), а применет од „Хелветас“ Северна Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и од Стопанската комора на Македонија, се подготви и Упатство за феријална пракса, во кое се прецизираа насоките за планирање, организација, за реализација, следење и за евидентирање на феријалната пракса, што ќе стане основа за подготовка на упатство за реализација на учењето преку работа и преку практична обука.

П.С. Сѐ е можно, само потребна е волја за да се успее.

За различните форми на реализација на практичната обука, преку кои работодавачите може да учествуваат во нејзината реализација и значително да придонесат за образовните процеси, во следниот напис.

 

Документите може да се преземат на следните линкови:

Концепт на учење преку работа

https://drive.google.com/file/d/1mebUOSv61y-nQpc2m986gj9eCWaEIwMA/view

Упатство за феријална пракса 

https://www.e4e.mk/wp-content/uploads/2020/07/Upatsvo-za-ferijalna-praktika.pdf

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија