Заедничкиот регионален пазар отвара можности за македонските компании
➢ Актуелно (20.11.2020)
👁 Прочитано: 467



Заедничкиот регионален пазар отвара можности за македонските компании

Во рамките на Берлинскиот процес, на почетокот на ноември 2020 година, лидерите на западен Балкан (ЗП) се согласија да ја зајакнат економската соработка во регионот преку интеграција во заеднички регионален пазар (ЗРП), заснован врз правилата и стандардите на ЕУ. Целта е да се зголеми привлечноста и конкурентноста на регионот на западен Балкан и да се приближи поблиску до интеграцијата во ЕУ. Идејата за ЗРП е резултат на неколкугодишниот процес, кој започна во 2014 година. Планот за формирање на ЗРП во следните 4 години ќе ги опфати следниве области:

1/ Регионална трговска област: слободен проток/движење на стоки, услуги, капитал и луѓе

2/Регионална област за инвестирање, со усогласување на политиките за инвестирање со стандардите на ЕУ и поголема привлечност на регионот за странските инвеститори

3/Регионална дигитална област, преку интеграција на ЗБ во пан-Европскиот дигитален пазар

4/Регионална индустриска и иновативна област, за трансформирање на индустриските сектори

Интегрираниот пазар од 18 милиони луѓе ќе биде поконкурентен на европската и глобалната сцена и попривлечен за странските инвеститори, како и за компаниите од регионот. Поголемиот пазар и регионалната економска интеграција можат да му донесат на регионот дополнителен раст на БДП од 6,7%, како и повеќе и подобри работни места, слободен проток на луѓе, стоки, услуги и движење на капиталот без бариери.

Воедно, воспоставувањето заеднички регионален пазар ќе му помогне на регионот во процесот на усвојување на стандардите на ЕУ и приближување кон единствениот пазар на ЕУ. Значењето, потенцијалот и можностите на заедничкиот регионален пазар можат да бидат уште поголеми во услови на Ковид-19 пандемијата и поизразени проблеми во дистрибуцијата и транспортот на производи.

За шесте економии од западен Балкан, ЕУ е главен трговски партнер со учество од скоро 70% од вкупната трговија на регионот, додека учеството на трговијата со земјите од западен Балкан во вкупната трговија на ЕУ е само 1,4%. Во последната декада надворешно трговската размена помеѓу ЕУ и земјите од западен Балкан се зголеми за скоро 130% и во 2019 година изнесува 55 милијарди евра (податоци Европска Комисија). Земјите од ЗБ имаа бенефит од оваа трговска експанзија кон пазарот на ЕУ: во последните 10 години, нивниот извоз кон ЕУ е зголемен за 207%, наспроти 94% раст на извозот од ЕУ кон ЗБ. Притоа, според структурата во 2019 година, ЕУ увезувала од земјите на западен Балкан: машини и транспортни уреди (23.1%), основни метали (12.6%), хемиски и сродни произоди (10.1%). ЕУ извозот кон земјите од западен Балкан во 2019 година го сочинуваат: машини и транспортни уреди (20.6%), минерални суровини и производи (11.1%) и хемиски и сродни производи (10.5%).

Македонија - извоз по земји од западен Балкан и сектори во 2019 година, според големина на извоз

Од друга страна, трендовите на надворешна трговија меѓу земјите од ЗБ не се така поволни и откриваат голем неискористен потенцијал. Обемот на надворешно трговската размена помеѓу шесте земји на западен Балкан е сеуште мал, иако од година во година се зголемува. Во 2019 година, најголемо учество на извозот на секоја од шесте земји кон  регионот на ЗБ, како % од нејзиниот вкупен извоз (кон ЗБ и другите земји од светот), има Косово со 43%, а најмало Македонија со 11%. Овој индикатор за Црна Гора изнесува 28%, а за Србија, Босна и Херцеговина и Албанија учеството е 17%. На страната на увозот, увозот од земјите на ЗБ има најголемо учество во вкупниот увоз на земјата во Црна Гора (18,8%), а најмало во Србија (4,1%). За останатите земји овој индикатор изнесува: Косово (14,33%), БиХ (12,4%), Македонија (9,2%) и Албанија (6,8%).

За ова и други актуелни економски движења читајте во новото издание на Месечниот економски преглед на Стопанска Комора на Македонија.

Дополнителни инфо на antoneta@mchamber.mk

м-р Антонета Манова Ставреска
самостоен советник за анализи и истражувања на стопанскиот систем и економската политика