МОТИВИРАНИ ВРАБОТЕНИ КАКО ОДЛИКА ЗА УСПЕШНА КОМПАНИЈА
➢ Актуелно (19.11.2020)
👁 Прочитано: 639



МОТИВИРАНИ ВРАБОТЕНИ КАКО ОДЛИКА ЗА УСПЕШНА КОМПАНИЈА

Во услови на глобална пандемија, работењето на организациите претрпи одредени промени, сѐ во насока на зачувување на здравјето и добрата состојба на вработените, клиентите и соработниците. Во таква состојба непреченото функционирање е условено од поттикот на вработените за целосна посветеност и мотивираност кон остварувањето на целите на компанијата и во онака тешките услови. Мотивираноста на вработените се наметнува како клучен фактор кој делува и влијае врз перформансите на организацијата. Успехот на една компанија се крие во можноста за навремено откривање на внатрешниот потенцијал на вработените и нивната лична мотивација. Доколку некогаш мотивацијата се толкуваше како дополнителен финансиски бенефит за обезбедување на континуитет на работните активности, со текот на времето перцепцијата се менува и други мотивациони фактори започнуваат да влијаат врз начинот на размислување на вработените како што се признание за успехот, доверба и чувство на припадност во организацијата. 

Среќните и вредни вработени ја зголемуваат продуктивноста, со своите знаења и вештини придонесуваат за раст и развој на организацијата, додека незадоволните вработени стануваат мрзливи, ги кочат развојните процеси, не се продуктивни ни за себе, ни за компанијата. Управувањето со вработените понекогаш е сложен предизвик, особено кога има неколку различни генерации на вработени кои имаат различни цели, различна мотивација и различен став кон работата. За успешно управување со вработените и константно одржување на високо ниво на мотивација, потребно е да се применуваат одредени мотивациски техники. Вработениот е најмотивиран да направи нешто кога тој самиот тоа го посакал. Затоа, она што работодавците може да го направат за своите вработени е да ја разбудат нивната лична мотивација и нивниот внатрешен потенцијал.

Во насока на градење здрава работна средина, задоволни вработени кои се ефективни и продуктивни, имаат ентузијазам, сигурност, самодовореба и се среќни на своето работно место. Стопанската комора на Македонија на 19 ноември 2020 година организираше „онлајн“-семинар на тема: „Мотивирање на вработените“.

Предавач на семинарот беше д-р Жарко Костиќ, доктор по медицина, мотивациски говорник и тренер за личен развој. По завршувањето на Медицинскиот факултет д-р Костиќ својот интерес го насочува кон тоа како да го зголемиме нашиот умствен и духовен потенцијал, а со тоа и како да ја зголемиме мотивацијата и како да го редуцираме стресот. Токму на овие и слични теми д-р Костиќ има одржано над 2000 предавања и над 350 ТВ, радио и онлајн емисии, а воедно е и автор и водител на мотивациската ТВ емисија „Откриени тајни“.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија