ЛЕТ ВО МЕСТО
👁 Прочитано: 558



ЛЕТ ВО МЕСТО

Во минатиот текст пишував како гледа на нас Европската Комисија анализирајќи го Извештајот за напредокот на нашата земја. Со години наназад, следејќи ја реалната состојба во нашата земја, Европската Комисија, ни укажува дека сме умерено подготвени скоро во сите области. Исклучок не е ниту образованието, каде имаме  состојба: еден чекор напред и два чекора во место или лет во место.  Првиот проблем е неусогласеност на пазарот на труд со квалификациите и вештините што се нудат низ образовниот процес и затоа имаме состојба: 80% од невработените да бидат долгорочно невработени, поради не совпаѓањето на вештините со потребите на пазарот на труд, а вториот проблем е ранливост на образовниот систем на политичко влијание и корупција и презаситеност на кадри со универзитетски дипломи без соодветни вештини, состојба на која ни се укажува години наназад. Според тоа препораката е јасна: Реформирање на образовниот систем со цел подобрување на вештините во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Што треба да се направиме?

Најбрзо што треба е да направиме долгорочна национална стратегија за економски развој која ќе овозможи зголемување на економскиот раст на земјата и сосема нова концепција на разбирање на образованието. Концепција која ќе се преточи во стратегија во која образованието ќе биде врвен приоритет на државата и во која ќе се направат идните планирања за доброто на општеството и економијатаСтратегија која ќе ја следат сите министри без исклучок. Тоа мора да го направиме од две причини: поради глобалните промени и преструктуирања во економскиот развој на државите кои се случуваат поради пандемијата со вирусот КОВИД 19 и од национални причини за да му помогнеме на бизнисот да заздрави од последиците на пандемијата и да се преструктуира на новото работење и конечно, да изградиме функционална правна држава. А сето тоа бара отворен ум, подготвеност за преземање ризици, визионерски дух, иновативност и посветеност во работењето, без импровизации.

Кои се новите препораки на Европската Комисија? 

Доколку не направиме национална стратегија за економски развој и образованието нe стане врвен приоритет на државата, во делот на образованието, НОВИ ПРЕПОРАКИ НЕМА ДА ИМА.  Препораките изнесени во претходниот Извештај  ќе се повторуваат, сè додека не ги реализираме во целост и тоа:

Øспроведување нова стратешка рамка за образование, особено на спроведување на целите за предучилишно образование;

Øзголемување на поддршката за обука на наставници и нивниот професионален развој, како и обезбедување ефективен процес на проценка на знаењето на учениците. Во време кога имаме брз развој на техниката и технологијата и модернизација на работните процеси, наставниците не се во можност да ги следат таквите процеси и да се адаптираат на нив. Затоа е потребна обука на наставниците за процесот на модернизација и работа со новите техники и технологии;

Øеднакво образование и подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите, вклучувајќи ги децата со попреченост за кои има слаб и ограничен пристап до училишни згради, недостаток на соодветни материјали и материјали за учење и недоволна поддршка за наставниците, децата од ромските заедници кои се соочуваат со бариери за редовно и квалитетно образование и обука, како и запишувањето на деца во предучилишна возраст. Опфатот на децата во предучилишното образование за 2020 година, во земјите во Европската Унија е утврден на 95%, додека во нашата земја само 40,2% од децата од 3-6 годишна возраст се запишани во предучилишно образование.

Што можеме да заклучиме?

Неусогласеноста на вештините и одливот на квалификуван кадар, како и недостатокот во инвестиции во инфраструктурата ја влошуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата на земјата. Според тоа, за да ја подобриме конкурентноста и долгорочниот раст, нашата земјата треба да насочи кон реализација на четири цели:

1.     да го реформира на образовниот систем за подобрување на вештините и да ја усогласи испораката на вештините и компетенциите со потребите на пазарот на трудот;

2.     да го подобри квалитетот на патната инфраструктура за јакнење на домашните и преку граничните транспортни врски и да ги интегрира домашните компании во глобалните синџири на вредности;

3.     да  ја засили работата за насочување кон обновлива енергија и да ја зголеми на енергетската ефикасност и

4.     да спроведе попис преку кој ќе се добијат економски показатели потребни за идните планирања за економски раст и одржлив развој на земјата.

 

П.С. Насловот намерно е земен од познатиот македонскиот филм ,,Лет во место” од великанот на драматургијата, Горан Стефановски како парадигма за состојбите во нашето образование.

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија