ПРЕДИЗВИЦИ И ПРЕПОРАКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО НАЈПОГОДЕНИТЕ СЕКТОРИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД КОВИД-19 КРИЗАТА
➢ Актуелно (18.11.2020)
👁 Прочитано: 736



ПРЕДИЗВИЦИ И ПРЕПОРАКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО НАЈПОГОДЕНИТЕ СЕКТОРИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД КОВИД-19 КРИЗАТА

Вo рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива, Стопанската комора на Македонија на 18 ноември 2020 година организираше онлајн инфо настан со цел презентација на клучните наоди од изготвените анализи за последиците предизвикани од КОВИД-19 кризата врз работењето на компаниите од автомобилската, металната, машинската и електро индустрија, туристичко-угостителскиот сектор и текстилната индустрија како едни од најпогодените.     

Воведно обраќање на настанот имаше Јадранка Аризанковска виш советник при Стопанската комора на Македонија, која истакна  дека  при подготовка на анализите беше спроведено истражување меѓу компании и институции, со цел изнаоѓање на решение за надминување на КОВИД-19 кризата, вклучувајќи ги и меѓународните искуства.. Заклучоците и препораките од студиите ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог за да се креираат мерки кои ќе ги ублажат последиците.

Љубомир Димовски, директор на „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“, консултантска куќа од Скопје, накратко ги претстави проектните активности и додаде дека преку Проектот ќе се идентификуваат проблемите со коишто се соочуваат компаниите со цел подобрување на законската регулатива и преземање конкретни мерки за поддршка на бизнис секторот.    

Во своето излагање проф. д-р Дарко Лазаров, експерт накратко ги презентираше наодите од изготвената Aнализа на ефектите врз метална, електро, машинска и автомобилска индустрија од здравствено-економската кризата предизвикана од вирусот КОВИД-19. Најголем дел од компаниите (повеќе од 80%) посочиле дека годинава ќе имаат намалување на приходите за повеќе од 20% споредено со минатата година. Причини за падот на приходите во најголема мера се должи на падот на извозот поради намалената странска побарувачка. Сериозни проблеми во делот на намалување на профитабилноста и ликвидноста. Најголем број на компаниите ги задржаа своите работници во овој период Потребен e подолг период за враќање во нормала (од 3 до 6 месеци) после кризата, но постои голема неизвесност кога ќе заврши кризата. Како најкористена мерка од компаниите се даночните олеснувања и мерката за субвенционирање на плати посочи проф. Лазаров.

Предлог мерки за пребродување на кризата и поттикнување на идниот развој на анализираните сектори според проф. Лазаров се: целосна реализација на предвидените мерки како што се програмата за евтини кредити за компаниите, гарантната шема за царински долг и комерцијални кредити, намалување на царинските стапки за увоз на репроматерија и машини, програми за системско подобрување на конкурентноста преку воведување на грантови, програма за поддршка на извозните компании и поголема вклученост на државата во поврзување на домашните и странските компаниии  обезбедување на поддршка за странските компании во ТИРЗ зоните и поактивен пристап на државта во привлекување на нови инвестиции.

Состојбите во секторот туризам и угостителство како еден од најпогодените од КОВИД-19 кризата преку споредбени статистички податоци за бројот на туристи и остварени ноќевања за период јануари-август 2020 година накратко ги презентираше Кристијан Џамбазовски, експерт. Забележано е намалување на туристи во однос на 2019 година за 60 проценти, намалување на домашни туристи во однос на 2019 година за 25 проценти, намалување на странски туристи во однос на 2019 година за дури 82 проценти, Намалување на ноќевања во однос на 2019 година за 45 проценти, намалување на ноќевања од домашни туристи во однос на 2019 за 16 проценти, намалување на ноќевања од странски туристи во однос на 2019 година за 83 проценти. Согласно изготвената Анализа за ефектите од пандемијата на КОВИД-19 врз работењето на компаниите, клучни барања  од туристичко-угостителскиот секор се следните: формирање на Комитет за туризам, подобрување на програмите за едукација (преку формално и неформално образование), промена на концептот за туристички развојни зони, субвенционирани вложувања во рурални средини за сместувачки капацитети, да се поддржат придонесите за нововработено лице во сектор туризам и угостителство кое е активно во потрага на работа на пазарот на трудот подолго од 3 месеца или се пријавува на прво работно место, доуредување на законот за автокампови, создавање на услови за транзитен туризам, создавање услови за изградба на планински домови и куќи, зголемување на мрежите на планинарски патеки и планински велосипедски патеки, и Изработка на Стратегија за справување со кризи во туризмот.

Наташа Сивевска, експерт за текстил во своето излагање ги презентираше наодите од изготвената Анализа за ефектите од пандемијата на КОВИД-19 врз работењето на компаниите во индустријата за текстил, индустријата за облека и индустријата за кожа и други кожни производи. Сивевска истакна дека над 1200 компании се регистрирани во овие индустриски сегменти и тоа: 875 компании во производство на облека, 200 компании во производство на текстил, 150 компании во производство на кожа и производи од кожа и „Лон“ производство, овие индустриски сегменти се важни за македонската економија поради тоа што се обезбедени над 37.000 вработувања  или (5% од вкупниот број на вработени во државата, односно 24% од бројот на вработени во преработувачката индустрија), извозно-ориентирана индустриска гранка и има позитивен придонес кон бруто домашниот производ на државата. Според Сивевска, кризата имаше негативно влијание изразено преку: намален извоз, намален број на вработени, намалена профитабилност и несигурност за враќање на вообичаеното ниво на работа доколку кризата продолжи до крајот на 2021 година.

Предлог мерки и препораки за следниот период според компаниите од текстилната индустрија се следните: да се продолжи со финансиската поддршка за компаниите, поддршка во пронаоѓање нови пазари и купувачи, субвенционирање на платите и придонесите на вработените, продолжување на роковите за облагородување на текстилните производи (лон систем), боледувањата поради Корона кризата да бидат на товар на Фондот за здравство, бескаматни кредити, боледувањето на товар на компаниите да не биде повеќе од три дена, субвенционирање на минимална плата, флексибилност во однос на прекувремена работа, истата да се компензира со период кога нема доволно работа и  намалување на царинската стапка за увоз на текстилен материјал од неевропски земји, на нивото на таа во Европска Унија, намалување на парафискалните давачки и олеснување на критериумите за добивање на финансиска поддршка за инвестиции во текстилниот сектор.

Проектот на УСАИД, „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ се спроведува во партнерство со четирите најактивни стопански комори во земјата:  Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

 

 

м-р Ивана Крстевска
соработник во Стопанска комора на Македонија