ПРЕКУ МЕДИЈАЦИЈА ДО БРЗО, ЕВТИНО И ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ
➢ Актуелно (17.11.2020)
👁 Прочитано: 933


ОНЛАЈН МЕДИЈАЦИЈА ВО УСЛОВИ НА РАБОТЕЊЕ СО КОВИД-19
ПРЕКУ МЕДИЈАЦИЈА ДО БРЗО, ЕВТИНО И ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ

Потребата на бизнис заедницата за брзо и ефикасно решавање на трговските спорови е од есенцијално значење за непреченото работење на една компанија. Во услови кога судските постапки траат долго и генерираат дополнителни трошоци, пролонгирањето на постапките дополнително влијае врз репутацијата на компанијата. Глобалната пандемија Ковид-19 уште повеќе го отежнува решавањето на овие спорови, вклучително и работењето на сите чинители и оттука бизнис заедницата се соочува со предизвикот како да дојде до решение на побрз и поефикасен начин.

За таа цел Стопанската комора на Македонија на 17.11.2020 година, организираше онлајн семинар на тема: „РЕШЕТЕ ГИ ВАШИТЕ СПОРОВИ БЕЗ ДОЛГИ И СКАПИ СУДСКИ ПОСТАПКИ НА БРЗ, ЕФИКАСЕН И ЕВТИН НАЧИН СО ПОМОШ НА МЕДИЈАЦИЈА“. Овој семинар претставува продолжување на активностите на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата која изминатиот период ја промовира и афирмира медијацијата како алтернативен начин на решавање на судските спорови. 

Целта на овој онлајн семинар беше запознавање на  компаниите со медијацијата и нејзината примена во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.

Акцент беше ставен и на примената на онлајн медијација во услови на пандемија, кога целиот процес од почеток до крај може да се реализира со примена на онлајн алатки, овозможувајќи им на учесниците во медијацијата да ги искористат сите придобивки и преку примена на современите алатки да постигнат успешен договор за решавање на спорот.

Пред учесниците беа презентирани одредбите од Законот за парнична постапка, во кој е инкорпориран задолжителниот обид за медијација (член 461 од ЗПП) и детално  беше елаборирана медијацијата во РСМ согласно законските прописи, акцент беше ставен на тоа кои се медијабилни/немедијабилни предмети и беа детално и практично објаснети, почетокот на постапката на медијацијата, текот и завршувањето на постапката. 

Од досегашната пракса и примена на овој член од ЗПП преку упатување на медијација кај стопанските спорови за парично побарување до 1.000.000 денари, искуствата покажуваат дека сите стопански субјекти кои се јавиле на медијација, после согледување на бенефитите во своите идни договори со партнерите ја ставаат медијацијата како алтернативен начин за решавање на нивните идни спорови.

Согласно податоците од Министерството за правда за периодот од 2016 година, заклучно со октомври 2020 година, во однос на стопански спорови (вклучително и осигурителни) имало 745 медијации по овој основ пред медијаторите од кои 170 или 22,8% завршиле со постигнати спогодби и им овозможиле на страните да ги корисат сите предности на медијацијата особено избегнување на огромни финансиски издатоци. Овој податок дополнително укажува на фактот дека медијацијата како алтернативен начин на решавање на судските спорови е алатка која на компаниите им овозможува ефикасно решавање на споровите и претставува поттик за поголема примена на медијацијата кај споровите кои се медијабилни.

Предавач на денешниот семинар беше д-р Јелисавета Георгиeва-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, лиценциран медијатор, лиценциран обучувач на медијатори и лиценциран арбитар и помирувач. На ова поле на медијацијата, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска во последните 4 години има направено повеќе од 40 предавања-обуки на темата за медијација посебно пред стопанственици и други заинтересирани учесници, опфаќајки бројка од над 850 учесници на предавањата. Георгиева-Јовевска има искуство во решавање на спорови со медијација со потпишано спогодби за медијација. Автор е на повеќе изданија од областа на медијацијата и алтернативното решавање на споровите со наслови:„Моќта на арбитражата за алтернативно решавање на стопанските спорови“; „Медијација (промоција-афирмација-успех)”; „Медијација како алтернативно решавање на стопанските спорови”, „Прирачник за основна обука за медијација”.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија