ИЗМЕНА НА МОДЕЛОТ НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ И ПОДДРШКА НА ГОЛЕМИТЕ КОМПАНИИ ПОБАРА АГРОСЕКТОРОТ НА ДЕНЕШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА
➢ Актуелно (11.11.2020)
👁 Прочитано: 1279



ИЗМЕНА НА МОДЕЛОТ НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ И ПОДДРШКА НА ГОЛЕМИТЕ КОМПАНИИ ПОБАРА АГРОСЕКТОРОТ НА ДЕНЕШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија континуирано презема активности во насока на поголема препознатливост и промоција на Комората како институција која се залага за развој на домашното земјоделство, поставување идни насоки за негов развој со целосно приспособување на секторот кон зголемените очекувања на потрошувачите и кон добрите практики на европската регулатива од оваа област, со што придонесува за работењето на компаниите во овој сектор.

За таа цел, Стопанската комората на Македонија, на 11.11.2020 година организираше работна средба со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, на тема „Актуелни состојби и идни н асоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“.

Земјоделството и прехранбената индустрија во Република Северна Македонија, економски гледано се третиот најголем сектор кој има значаен придонес во бруто домашен производ (БДП), надворешната трговија и јавната и приватната потрошувачка, а пак, социјално гледaно овие две индустрии заеднички се голем работодавач со вкупно 10.967 активни претпријатија.

За искористување на откриените можности поврзани со пораст на побарувачката за храна, како и интеграција во европското земјоделство, македонското земјоделство треба да ги искористи своите јаки страни, а истовремено да ги надминува своите слабости, како и да ги неутрализира претпоставените опасности.

 

Во текот на здравствено-економската криза COVID-19, работата на земјоделско-прехранбениот сектор беше само забавена поради новите правила за ограничување на движење како одговор на пандемијата. Најголемите предизвици со кој се соочуваше земјоделско-прехранбениот сектор се однесуваа на организација и логистика на увозот и извозот на своите производи, како и организација на тековните земјоделски и производствени процеси кај претпријатијата поради ограниченото работно време и движење. Високи 50.98% од претпријатија се сочуваат со откажување/одложување на склучени нарачки, што покажува на големо влијание на COVID-19 кризата врз претпријатијата. Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во првиот квартал од 2020 година во споредба со првиот квартал од 2019 се проценети на околу 22-40%, и за таа сметка секторот во 2020 година очекува намалена профитабилност за 41-60%.

Млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните под сектори во агро индустријата со потенцијал за развој, за што бизнис секторот има конципирано предлог мерки. Но, изминатата година кулминираа проблемите во сите четири сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање на одредени суштински проблеми за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството како стратешка суровинска база за дури потоа да може да се размислува за стимулативни мерки кои ќе носат до раст.

Материјалот, изработен од страна на стручната служба на Комората, беше разгледан на седницата на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија. Истиот од страна на компаниите беше оценет како стратешки и визионерски за секторот и како таков има силен развоен правец доколку истиот биде прифатен од надлежните институции. Предлозите на претставниците од агросекторот беа поддржани, со сугестија истите да се дополнат во делот на географско потекло, етикетирање и промовирање на производите, за што словенечкиот модел беше посочен како успешен пример за решавање

На самиот почеток на работната средба, Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го поздрави доаѓањето на министерот на конференцијата, како претставник на сектор кој досега не бил соодветно третиран во изминатите години. Освојување на нови пазари, користење на домашна суровина и нова развојна програма за агросекторот ќе бидат основните цели на министерството, Хоџа. Приватниот сектор мора да ја добие потребната поддршка од институциите-нагласи тој. Владата донесе сет мерки кои се однесуваат за овој сектор и секојдневно се стреми кон развојни политики. Доста е веќе традиционално ппроизводство, треба да се поддржат бизнис ориентираните професионални производители.

Политиката за субвенцинирање во изминатите години не даде резултати. Од 20 милиони евра во 2006, до скоро 200 милиони предвидени за 2020 година, потрошени скоро една милијарда евра за сите години, а сточниот фонд се намалува додека пак, увозот е повеќекратно зголемен. Потребна е измена во методологијата за давање на субвенции, истакна Светозар Јаневски, М6-Скопје. Од некогаш голем производител на традиционални производи, пред сѐ млеко и млечни производи, зеленчук, овошје, оранжериско производство, денес РСМ е голем увозник на истите. Немаме развиено билкарство и покрај големиот потенцијал, а никој не ги едуцира домашните земјоделци дека во овој сектор има далеку поголем финансиски ефект отколку во лозарството, истакна тој. Следат преговори со ЕУ која е против ваквиот начин на субвенционирање. Потребно е да се запре иселувањето од руралните области и спроведе обратна емиграција од град во селска средина. Се наметнува потреба од окрупнување на земјоделските парцели наместо негово расцепкување или пренамена во градежно земјиште. И измена во асортиментот е една од мерките која бизнис секторот смета дека може да придонесе кон подобрување на резултатите во секторот, смета Јаневски.

На РСМ и се потребни сериозни комбинати. Големите системи носат развој и мора истите да се поддржат. Досегашната политика ги уништи големите комбинати и земјоделски задруги, а истовремено ги намали субвенциите за истите. Потребно е да се даваат субвенции по произведен килограм производ и предаден на регистриран откупуувач и преработувач, а не по површина, истакна Перо Колевски-АГРИА, Велес.

Потребна е нова рамка за соработка помеѓу бизнис секторот и ресорното министерство за поголема ефикаснот, воспоставување нова форма на дијалог и заедничко носење на развојни мерки, смета Никола Деребан, Перминдекс-Неготино.

Подготвениот работен материјал, а и актуелните состојби упатуваат на фактот дека постои голема поврзаност на земјоделско-прехранбениот сектор со секторот угостителство и туризам. Глобалната здравствено-економска криза предизвикана од вирусот Ковид-19, но и искуствата од минатото укажуваат дека овие два сектори коишто се под влијание на глобалните процеси (иако туризмот и угостителството можеби многу повеќе), се секторите кои во пост ковид периодот може да бидат основа за економски раст и развој на земјата. Иако имаат различно учество во бруто домашниот производ на земјата, земјоделско-прехранбениот сектор повеќе од двојно учествува од туризмот, потенцијалот и перспективноста и на двете стопански гранки остава простор за меѓусебно заедничко дејствување. Руралниот туризам е спојот на овие две дејности, иако тоа е само еден сегмент од туризмот на кој допрва треба да се работи, бидејќи законската рамка за негово функционирање во државата сѐ уште е во фаза на идеја. Мора да се потенцира дека развојот на угостителството, има директно позитивно влијание на земјоделско-прехранбениот сектор и обратно развиен земјоделско-прехранбен сектор е услов за развој на угостителството со акцент на гастрономијата. Во овој сегмент не помалку значајно е и развојот на винарството како составен дел на туристичко угостителските понуди, основ за паралелен развој на двете стопански гранки, атрактивни за туристите, доходовни за економијата, истакна во своето обраќање кон присутните претседателката на Здружението за угостителство и туризам Ана Таневска Ѓорѓиевска.

Владата и Министерството за здравство се посветени и фокусирани на борбата со ризик факторите за појава на незаразните болести, каде доминантни меѓу нив се исхраната, физичката неактивност, загадениот воздух, пушењето и алкохолот. Препознаваме дека е неопходно да се преземат мерки заради што и ја поздравуваме изработката на Акцискиот план за превенција и контрола на незаразните болести до 2025 година. Меѓутоа, сметаме дека за да реализацијата на истиот биде успешна и вроди со конкретни резултати, бизнис секторот (овде присутен денес на трибината]) треба да биде консултиран за мерките и активностите кои ги предвидува овој Акциски план, а имајќи притоа предвид дека одредени мерки и законски решенија кои понатаму ќе произлезат од Планот можат да имаат влијание врз трошоците и да бараат прилагодување на производните процеси кај компаниите особено од прехрамбената индустрија.

Овде присутни се претставници на голем број мултинационални компании кои имаат глобално искуство, но и наши домашни компании кои извезуваат ширум светот, а кои можат да споделат иновативни решенија, најдобри пракси како од ЕУ, така и пошироко. Дијалогот на оваа тема помеѓу компаниите и Министерството за здравство ќе придонесе кон тоа да имаме еден Акциски план кој лесно ќе може да се спроведе во пракса и кој ќе може да даде конкретни резултати кои пак, ќе придонесат кон унапредување на продуктивноста на економијата, а со тоа и забрзување на севкупниот економски раст и развој на државата во согласност со милениумските цели на Обединетите нации. Комората и нејзините членки имаат искуство и знаење да помогнат и затоа предлагаме да се формира работна група меѓу претставници на Стопанската комора на Македонија и Министерството за здравство која ќе има за цел да предложи конкретни мерки и решенија за превенција на овие болести, следејќи ги најдобрите пракси од светот, истакна Василка Тамбуркова, PMI Скоппје.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа на крајот од конференцијата истакнна дека се кажано досега не е ништо ново, и предлозите како такви ги поддржува. Владата и институциите на РСМ имаат визија за секторот, а компаниитте ќе ја добијат неопходната поддршка. Стопанската комра на Македонија треба да ги достави сите поединечни предлози по сектори. Субвенции за големите комании ќе има, но и казнени мерки за сите кои имаат големи површини, но не ги обработувваат туку само пријавувваат за субвеннции. Земјоделството не може да биде социјална компонента, туку развојјна. Потребно е да се формира рамка во стратегијата за развој на агросекторот и да се фокусира на одредени сектори, а мерките носени досега кои не даваат резултати да се укинат и да се пренаменат средствата.

Бизнис секторот, на крајот на конференцијатта, уште едннаш апелираше до МЗШВ и Владата на РСМ да се поддржат големите комбинати и да се чуе бизнис секторот.

 

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија