Производителите на козметика претрпеа значителни загуби во првите месеци од здравствената криза, но по согледување на потребата за средства за дезинфекција некои од нив своето производство го пренаменија за производство на средства за дезинфекција на раце и други неопходни дезинфициенси. Во Италија, рестриктивните и заштитните мерки кои неопходно се преземаа во екот на пандемијата од коронавирусот доведоа до пад на продажбата на кармини за 60%, а се предвидува дека на годишно ниво продажбата на кармини ќе биде намалена за 24%. Додека во минатите финансиски кризи карминот се сметаше за „антикризно оружје“, односно колку е поголема финансиската криза, толку повеќе се зголемуваше продажбата на кармини, сега е забележан спротивен ефект на таканаречениот „кармин индекс“.
Инаку, изразот „кармин индекс“ прв го употребува Леонард Лаудер од компанијата „Estee Lauder“ алудирајќи на зголемената продажба на козметика и шминки во текот на рецесијата на почетокот на 2000 година, како замена за далеку поскапите чевли и чанти кои припадничките на понежниот пол не можеа да си ги дозволат. Спротивно од рецесијата во 2000 година, во услови на пандемија од коронавирусот, забележана е зголемена продажба на лак за нокти и сенки за очи.