Запознајте ги членовите на нашиот Управен Одбор, - САШКО САМАРЏИОСКИ, “ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА” А.Д ПРИЛЕП
➢ Актуелно (17.08.2020)
👁 Прочитано: 2961



Запознајте ги членовите на нашиот Управен Одбор, - САШКО САМАРЏИОСКИ, “ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА” А.Д ПРИЛЕП

Прилепска Пиварница е основана 1924 година, во период кој се карактеризира со мануелно производство, кое расте од година во година и на почетокот на Втората светска војна достигнува 8.000 хектолитри пиво годишно. Со почеток на Втората светска војна, се продлабочуваат финансиските тешкотии во кои запаѓа пиварницата и таа престанува да работи. Повторното активирање на погоните се случува во 1952 година за наредната, 1953 година, да се инсталира и парен котел за варење на пивото. Со таа технологија и 40 вработени во пиварницата, во 1966 година производството скокна на 42.000 хектолитри пиво годишно. Во тој период најголемото производство било на црно и на светло пиво, “Крали Марко”, кое ферментирало во дрвени буриња, а се пакувало во стаклени шишиња.

Поголема инвестиција во пиварницата била преземена во 1972 година кога производството се зголемило на 86.000 хектолитри пиво. Со преземањето на раководството од страна на млади високообразовани кадри, во 1975 година, почнал и брзиот раст на „Прилепска Пиварница“ и во наредните 3 години производството скокнало на 250.000 хектолитри пиво годишно. „Прилепска Пиварница“ во 1980 година добива и лиценца за производство на светските брендови Пепси и Миринда (Pepsi и Mirinda) за да во 1991 година, добие и признание за најголема продажба на Пепси, во апсолутен волумен, во регионот на поранешна Југославија и во Албанија.

Во 2000 година го лансира пивото „Златен Даб“, кое се карактеризира со висок и одличен вкус. Својот асортиман го проширува во 2002 година со добивање лиценца за производство на овошни сокови – нектари Пригат.

Мај 2013 – нова инвестиција од 7,5 милиони евра е реализирана во форма на комплетно нова линија за точење на стаклени шишиња на сите производи – и пиво и сокови во „Прилепска Пиварница“. Денес „Прилепска Пиварница“ е во приватна сопственост. Инвестициите во високата технологија ја направија и една од најмодерните пиварници на Балканот. Годишниот капацитет на варилницата е 582.000 хектолитри пиво годишно. Покрај тоа, сѐ уште ги полни лиценцните пијалаци Пепси, Миринда и 7АП (Pepsi, Mirinda, 7UP).
Мисијата на Прилепска пиварница е унапредување на пазарните позиции, освојување нови пазари, чување на интересите на фирмата и исполнување на потребите на вработените.Тоа го постигнува со врвен квалитет на своите производи и услуги, кои во целост ги исполнуваат барањата на потрошувачите, во согласност со важечките закони и прописи, почитувајќи ги барањата за безбедност на прехранбените производи.

Генералниот директор на Прилепска Пиварница А.Д Прилеп, Сашко Самарџиоски е максимално посветен на бизнисот, со секогаш инвентивни идеи, кои ги позиционираат производите на Прилепска Пиварница на прво место, на домашниот и на странските пазари. Неговата одлучност во преземањето на сериозни деловни потфати и нови инвестиции го трасираат патот на понатамошен успех на оваа компанија.

Сашко Самарџиоски е член на Управниот Одбор на Стопанската комора на Македонија во мандатниот период 2020 – 2025 година.

 

 

Служба за информирање при Комората