Трговијата на ЕУ со велосипеди и електрични велосипеди
➢ Актуелно (14.08.2020)
👁 Прочитано: 4193



Трговијата на ЕУ со велосипеди и електрични велосипеди

Согласно официјалните податоци од Еуростат за 2019 година, земјите членки на ЕУ направиле извоз на речиси 1 милион велосипеди и други сродни производи во вкупна вредност од 368 милиони евра во земји надвор од ЕУ. Ова претставува раст од 24% во споредба со 2012 година.

Во текот на истиот период, земјите членки на ЕУ направија увоз на преку 5 милиони велосипеди во вредност од 942 милиони евра од земји надвор од ЕУ. Во споредба со 2012 г. ова e намалување од 12%.

Дополнително, земјите членки на ЕУ направија извоз на 191.000 електрични велосипеди во вредност од  272 милиони евра во 2019 година (податоците вклучуваат велосипеди со педална поддршка и помошен електричен мотор со непрекината номинална моќност помала од 250W). Истовремено, имаат увезено 703.900 електрични велосипеди во вредност од 594 милиони евра од земји надвор од ЕУ.

Во споредба со 2012 година, бројот на извезени електрични велосипеди во 2019 година се зголеми за речиси дванаесет пати, додека увозот на електрични велосипеди се удвои. 

Во однос на земјите членки на ЕУ, најголемиот произведувач на велосипеди во 2019 година беше Португалија со 2,7 милиони велосипеди, потоа Италија (2,1 милиони), Германија (1,5 милиони), Полска (0,9 милиони) и Холандија (0,7 милиони). Заедно, овие пет земји се одговорни за 70% од вкупното производство на велосипеди во ЕУ за 2019 година.

Во 2019 година ЕУ произведе над 11,4 милиони велосипеди. Ова претставува раст од 5% од претходната година и 10% од количината произведена во 2014 година.  Вкупното производство на велосипеди достигна врв од 13,7 милиони во 2015 година, за 17% повеќе од производството во 2019 година.

Четвртина од увезените велосипеди во ЕУ се од Камбоџа, а половина од електричните велосипеди се од Тајван.

Во 2019 година, увозот на велосипеди од земји надвор од ЕУ главно доаѓаше од Камбоџа (24% од вкупниот увоз надвор од ЕУ), Тајван (15%) и Кина (14%), потоа Филипини (9%), Бангладеш и Шри Ланка (двете по 7%). Додека увозот на електрични велосипеди во ЕУ главно доаѓаше од Тајван (52% од вкупниот увоз на електрични велосипеди надвор од ЕУ), потоа Виетнам (21%), Кина (13%) и Швајцарија (6%).

Во 2019 година, главната дестинација на велосипедите од ЕУ беше Обединетото Кралство (36% од вкупниот извоз на велосипеди надвор од ЕУ), потоа Швајцарија (18%) пред Турција (6%), Узбекистан  и Норвешка (двете по 4%). Во исто време, Швајцарија и Обединетото Кралство беа главните дестинации за извоз на електрични велосипеди од ЕУ (33% и 29% од вкупниот извоз на електрични велосипеди од ЕУ, по тој редослед), потоа Норвешка (15%) и САД (13%).

 

Служба за информирање при Комората